Леснотијата со која премиерот именува советници


Слободанка Јовановска

Пред да дојде  Зоран Заев на премиерската функција, оставки се даваа главно  од здравствена или лична причина. ВМРО-ДПМНЕ промовираше разни алиби „бранови“ и проветрувања, но ништо не беше толку оригинално како објаснувањето на Џезаир Шаќири Хоџа, дадено вчера кога се повлече од советничката функција. Според она што го кажа, испадна дека оставки се давале и од голема љубов за татковината.

Тоа е голем скок за Македонија, иако реално никој вчера не поверува дека командантот од Танушевци  ја кажа вистинската причина и сам го подигна „белото знаменце“, дигајќи раце од функцијата со која требаше наводно да ја прехрани фамилијата. Во тоа не му помогна ни премиерот, кој прво изјави дека Хоџа сам му најавил дека се повлекува, а потоа дека двајцата се договориле дека поради силната желба Македонија да влезе во ЕУ и НАТО, најдобро е да се откаже од функцијата. Како и да е, Хоџа веќе нема да се грижи за нашата внатрешна безбедност, а ние нема да се грижиме повеќе колку е стручен и податлив за такво нешто. Советничката кариера му заврши заради неговото политичко и терористичко минато и  заради тоа што не ја заслужува функцијата со компетенциите што ги има и со вредностите со кои се поврзува неговата појава. Најверојатно она што му пресуди, сепак,  е пораката од амбасадата на САД од која јасно зрачеше што мислат за ваквите именувања на премиерот и колку е загрозувачко вклучувањето на ваков кадар во безбедносната мрежа на државата .

Она што останува е леснотијата со која премиерот именува, што би рекол Хоџа „секакви“ на функциите, но и леснотијата со која од терористи прави соговорници па и соработници и шири позитивен вокабулар за лица и за појави за кои јавноста фрла дрвја и камења. Тоа  е уште еден нов феномен во нашата политика кој, колку и да е неприфатлив кога се однесува на Хоџа, е личен печат на овој премиер. Заев, наспроти неговиот претходник Никола Груевски кој никогаш немаше официјална средба во Косово,  беше на ручек со Рамуш Харадинај иако  беше обвинет за воени злосторства. Заев се стави на „жешка линија“ со грчкиот премиер Алексис Ципрас  и  седна без проблем во кабинетот со Христијан Мицкоски, иако тој никогаш не се огради од обидот на приврзаниците и пратениците од неговата партија да го убијат на 27 април во македонскиот парламент.Да не е таков каков што е, немаше ни да има „бомби“ во Македонија, немаше ни да има смена на Груевски, немаше ни да има преговори со можна разврска со Грција, со голема веројатност дека немаше ни да има кој да каже дека Македонија може да преживее со додавка на името на државата.

Колку и да прави штета со површноста,брзоплетоста и понекогаш импровизацијата, Заев барем не и робува на негативната реторика што ја ширеше ВМРО-ДПМНЕ изминатата деценија и која беше способна од секого да направи непријател и од се да направи проблем. Иако од опозицијата оправдано го нападнаа премиерот деновиве заради именувањето на Хоџа, изгубија мерка во поттикнувањето на старите омрази и во оживувањето на стари изјави од пред една деценија, помагајќи едно во суштина барање за именување на способни и образовани кадри од власта да прерасне во меѓунационално препукување, засилено од  фактот дека Љубе Бошковски остана советник, а Хоџа, кој беше на другата страна на фронтот, доби црвен картон од јавноста.

Заев вчера потврди исто така дека станува почувствителен на јавните реакции и дека за разлика од првите критики за кадровските именувања, овојпат не му требаа недели за да ја смени одлуката. Тоа што ја спакува во „патриотска“ поезија, велејќи дека луѓе кои во минатото се гледале низ нишан, сега работеле за својата земја Република Македонија, е само еден од начините да се соопшти и признае грешката, односно да се прифати барањето на јавноста. Тој отиде и подалеку, посочувајќи ја реакцијата на опозицијата како причина за променетата одлука.