Лекарска комора му ја одзеде лиценцата на гинекологот Дамчевски на седум години

Докторот Николче Дамчевски, специјалист по гинекологија и акушерство е виновен за случајот во кој водел пациентка како бремена се до терминот за породување кога и соопштил дека воопшто не постои бременост, потврди Второстепениот совет при Судот на честа на Лекарската комора на Македонија.

На седницата одржана на 23 овој месец, Второстепениот совет ја потврдил одлуката донесена од Првостепениот судски совет.

– Со неа, д-р Николче Дамчевски е прогласен за виновен во постапка за случајот кога лекувал и спроведувал постапки на биолошко потпомогнато оплодување на пациентка, ја водел како бремена, иако таа не била. Во целиот период на т.н бременост докторот ја следел, ја информирал за напредокот на бременоста, ординирал терапија за одржување на бременоста се до наводниот термин за породување кога и соопштил дека воопшто не пости бременост – се вели во соопштението.

Со наведените дејства, како што оцени Судот на честа, докторот ги прекршил одредбите од Кодексот на медицинска деонтологија и му се изрече мерка времено одземање на лиценцата за работа во траење од седум години, се вели во соопштението.