Левица ќе поднесе кривична пријава против Зоран Заев за предлогот „Република Илинденска Македонија“

Политичката партија Левица најави дека ќе поднесе кривичната пријава против премиерот Зоран Заев за сторено кривично дело против државата, по чл. 308 од Кривичниот законик на „загрозување на независноста“, а причините за тоа ќе ги образложи на утрешната прес-конференција пред седиштето на Основното јавно обвинителство – Скопје.

– Сметаме дека со прифаќањето на недостоинствениот предлог „Република Илинденска Македонија“ за севкупна (надворешна и внатрешна), таксативно се исполнети сите законски елементи на посоченото тешко политичко кривично дело кое се гони по службена должност и за кое законот предвидува најмала казна од пет години затвор, па затоа претставници на нашиот правен тим ќе поднесат соодветна пријава до надлежното јавно обвинителство за понатамошно процесуирање, се вели во соопштението на партијата.

Левица се залага за итен и безусловен прекин на преговорите за името и отпочнување на меѓународно-правна процедура, преку Генералното собрание на Обединетите нации, за полноправно членство на Македонија под нејзиното уставно име.