Левица: Референдумот официјално е неуспешен, ги повикуваме граѓаните на прослава

Денес, еден мал и мирољубив народ на Балканот го покажа своето достоинство и гордо одби да се самоукине, велат од Левица по денешното референдумско изјаснување.

„Денес, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други наши сонародници – солидарно, преку организиран МАСОВЕН БОЈКОТ на илегалниот референдум, покажаа сплотеност и заедништво во Отпорот спрема империјализмот спроведен од корумпираните елити и го одбрани асномскиот карактер на Републиката“, велат од Левица.

Како што велат од партијата, според извори од нивните набљудувачи на терен, политичката партија Левица обзнанува дека референдумот за промена на уставното име на Републиката, според домашните и меѓународните важечки регулативи, и официјално е НЕУСПЕШЕН!

„Во задолжителна правна сила останува плебисцитарно донесената одлука од Референдумот за независност 1991, каде што е утврдено единственото име на државата – МАКЕДОНИЈА. Во таа чест, делегација на Президиумот на нашата партија, вечерва во 20:30 часот, ќе се ПОКЛОНИ пред споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“. Ги повикуваме сите наши членови и симпатизери да ни се придружат во ПРОСЛАВАТА на тешкостекнатата победа против владината пропаганда. Истовремено, ја повикуваме Владата на РМ, поради целосното губење на легитимитетот, под итно да поднесе неотповиклива ОСТАВКА, а Собранието на РМ – како распишувач на овој срамен и пропаднат Референдум, да се самораспушти и да распише предвремени парламентарни избори!“, се вели во соопштението на Левица