„Ласт експедишн“ по 22 години со нова песна

По цели 22 години од албумот „Бокс“, „Ласт експедишн“ се враќаат со нов сингл. Песната „Hey Ho“, авторски ја потпишува Енко Хаџиќ, аранжманот е на бендот, а истата е снимена во студиото Тралала на Мите Димовски.

За оваа прилика, „Ласт експедишн“ се појавуваат во освежен состав, во кој се: Енко Хаџиќ (вокал), Сеад Сецко Хаџиќ(гитара), Адреа Ристевски Салпе (гитара), Драган Стојковски (бас) и Сашко Костов (тапани).
Во студиската сесија, басот го сними Славчо Пеев.

Новиот сингл на Последната експедиција е вистинско освежување на домашната, веќе повеќе години анемична музичка сцена. Модерна, како за новото време, а повторно се работи за оној стар, добар „експедишн“, каков што некогаш во 90-те, го знаевме. Нешто како враќање…во иднината.
Експлозивниот видео-спот беше снимен во студиото „Пролајт“. Во неговата реализација учествуваа Горан Наумовски, како камерман, и Дарко Антоновски, кој потпишува режија и монтажа.
„Ласт експедишн“, еден од најголемите македонски алтернативни рок состави, е оформен во 1986 година во скопската населба Ѓорче Петров.
До сега имаат реализирано три студиски и еден албум снимен во живо: Intro (1993), Изгубени ликови (1994), Box (1997) и Live – A1TV Exic (2001).
Како најголемите хитови на „Ласт експедишн“ се: Песната за песот, Далеку си, Ќељав дабар, Шефе, баладата Не е важно и други.