Куќен притвор за Стевчо Јакимовски

Судот вечерва му одредил куќен притвор на поранешниот градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, поради злоупотреби со легализација на градежни објекти и државно земјиште.

Обвинителството бараше притвор, но поради задравствени причини му е одредена поблага мерка односно куќен притвор.

Според кривичната пријава поднесена од МВР, Јакимовски од позиција на градоначалник им овозможил на три фирми да се стекнат со земјиште кое било во државна сопственост, така што го легализирал земјиштето спротивно на Законот.

Пред судија на претходна постапка, заедно со Јакимовски, денеска беа изведени и лицата Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината и В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам.

– Одбиен е предлогот за одредување мерка притвор за лицето Т.Ѓ. бидејќи од страна на СЈО во предметот „Топлик“ веќе му се определени мерки на претпазливост, а согласно ЗКП не може да се определи мерка притвор на веќе определена мерка на претпазливост. За лицето В.С е одбиен предлогот за притвор и определени се мерки за претпазливост. Кај сите тројца обвинети определените мерки се бидејќи  се исполнети условите од член 165, став 1 точки и еден и два, информираат од Кривичниот суд во Скопје.