Кушнер: Конечно е отворена вратата за прием на Западен Балкан во ЕУ

Три години откако претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер најави петгодишен мораториум за проширувањето на ЕУ, вратата за прием на балканските земји во Европската унија конечно е отворена, смета поранешниот француски министер за надворешни работи и шеф на меѓународната мисија на Косово, Бернар Кушнер.

Во авториски текст објавен во порталот „ЕУ Обзервер“, Кушнер наведува дека без разлика која и да е причината за тоа – надминатата криза, подобрената економија на континетот или Брегзитот, Јункер сега смета дека е „вистинско време да се преразгледа редот на чекање и да се поделат влезници – меѓутоа само две“.

Кушнер наведува дека иако Србија и Црна Гора важат за предводници во регионот во процесот на проширување на ЕУ, сепак треба да се обрне внимание и на други држави, како Албанија и Македонија.

Тој посочува дека 80 проценти од Албанците и 54 проценти од Македонците се изјасниле за прием на нивните земји во ЕУ, за разлика од Србија каде поддршката изнесува само 26 проценти.

– Точно е дека несогласувањето со Грција околу нејзиното име, за кое Атина вели дека е име на една од нејзините провинции и натаму претставува проблем, но имајќи ја предвид привлечноста на побрзиот прием во Унијата, очекувам дека македонските власти ќе најдат решение, пишува Кушнер околу европските перспективи на Македонија.

Поранешниот висок претставник на Обединетите нации во Приштина го поддржува и приближувањето на Косово кон ЕУ, што, според него, го поддржуваат 90 проценти од Косовците. Кушнер бара од Србија и од петте членки на ЕУ кои не го признаваат Косово да ја прифатат неизбежната разврска и да ја признаат косовската независност.

Во текстот, Кушнер го цитира и албанскиот премиер Еди Рама, кој вели дека доколку на Албанија и на Балканот им биде ускратено приближувањето кон ЕУ, тогаш работите може да тргнат на полошо.

Според Кушнер, иако Србија и Црна Гора важат „за најдобри кандидати“ за следната рунда на проширување, тој процес и натаму е контроверзно прашање во двете земји. Тој смета дека Брисел ги третира Србија и Црна Гора како „најдобри кандидати“ за членство, затоа што тие би можеле најбрзо да ја смената страната и да се свртат кон Русија.

– ЕУ не е култ формиран за да ја фрустрира Русија. Тоа е унија на народи со свои амбиции, заеднички вредности, култура и перцепција како да се постигне просперитет и мир во иднина. На народите кои ги споделуваат тие вредности треба да им се даде сето можно охрабрување, вели Кушнер.

Според него, жално е што поради скептицизмот на Јункер кон проширувањето, ЕУ ги држеше земјите од регионот на „споровозната лента“, вклучлително и оние кои најмногу сакаат да и се приклучат,

Кишнер наведува дека има чувство оти Брисел до неодамна го игнорирал Западниот Балкан, затоа што бил преокупиран со други прашања, како што се Украина, миграцијата, Брегзитот и Каталинија, но дека сега разположението во ЕУ се менува.

– Членството во ЕУ е дел од решението за балканската несигурност и за долгата историја на меѓуетнички судири, заклучува Кушнер во својот авторски текст во „ЕУ Обзервер“.