Курц : ЕУ треба да ги прекине преговорите со Турција


Австрискиот канцелар Себастијан Курц го повтори ставот дека Европската унија треба да ги прекине пристапните преговори со Анкара.

– Критериумите за пристап повеќе не се исполнети, па затоа пристапните преговори со Турција мора да бидат суспендирани, рече Курц за германскиот весник „Велт“.

Тој нагласи дека, од таа причина, треба повторно да се размисли за финансиската пристапна помош, која беше предвидена во вредност од 4,45 милијарди евра за период од 2014 до 2020 година.

-Турција, сепак, останува важен стратешки партнер на ЕУ со која треба да постои соработка во рамки на концептот за соседство, смета Курц.

Тој и пред два месеца ја критикуваше започнатата воена офанзива на Турција во Сирија, која за мета ги има курдските сили.

Курц нагласи дека на Сирија и е потребен мир наместо натамошни воени акции.