Куртулмуш: Турција нема да дозволи да се прикрие случајот со Кашоги

Турција нема да дозволи да се прикрие случајот со новинарот Џамал Кашоги, кој беше убиен на почетокот на месецот во суадискиот конзулат во Истанбул, изјави денеска потпретседателот на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), Нуман Куртулмуш.

При гостување на телевизијата Си-Ен-Ен Турк, Куртулмуш нагласи дека Турција ќе ги вложи сите напори за целосно расветлување на случајот и изрази надеж дека „за кусо време вистината ќе излезе на виделина“.

– Постојат цврсти претпоставки за тоа што се случило, но се уште не сме дојдени до категоричен заклучок, кој би бил поддржан од сознанија и докази. Едно злосторство, извршено во Конзулат на една држава, не може да биде извршено без знаење на повисоки одговорни претставници, нагласи Куртулмуш.

Тој нагласи дека ако истрагата утврди дека саудискиот новинар е убиен со одобрение и знаење од повисоки инстанци, тогаш Ријад ќе се соочи со сериозни последици.

Властите во Ријад во петокот вечерта соопштија дека Кашоги бил „убиен при тепачка со група луѓе кои ги сретнал во Саудискиот конзулат во Истанбул“, каде дошол на 2 октомври за да набави документи што му биле потреби за венчавање со турска државјанка, по што му се загуби секоја трага. Саудиските власти досега беа на ставот дека Кашоги жив го напуштил Конзулатот, иако Турција тврдеше дека има докази оти новинарот е убиен во зградата на дипломатското претставништво.

Поголем број земји, асоцијации и меѓународни организации го осудија убиството на Кашоги и побраа спроведување транспарентна и независна истрага за случајот.