Кундура: Договорот од Преспа отвора нови перспективи во билатерални односи

Затвораме рани на нашата северна граница и отвораме нови перспективи во нашите билатерални односи со надеж за заеднички европска иднина, порача министерката за туризам на Грција, Елена Кундура од грчкиот Парламент за време на расправата за ратификација на Договорот од Преспа и истакна дека со решението ја зајакнува улогата на Грција на Балканот и ќе донесе стабилност и мир во поширокиот регион.

Кундура која до неодамна беше дел од Независни Грци, но по дадената поддршка на време на гласањето доверба на владата беше исклучена од пратеничката група, рече дека денеска, „позитивниот глас е вистинската патриотска позиција, а тоа е долг кон татковината и идните генерации“.

-Договорот доаѓа за да даде решение на едно историско нерешено прашање и е во корист на мирот и збратимувањето на двата народи, на економскиот и социјалниот напредок во европскиот регион што има поминато многу. На праведен и одржлив начин решава децениски проблем и е патриотски правилен и национално корисен, рече Кундура.

Министерката за туризам се наврати и на нејзините позиции од лани во однос на решението меѓу двете земји.

-Резервираноста што ја имав пред една година, беше надмината кога се разјаснија сите контроверзни точки на договорот, кои создаваа реакции. И за ова, тогаш ја информирав мојата пратеничка група, а тоа го повторив и на инцидентната владина седница во октомври, истакнувајќи го моето уставно право да гласам според мојата совест, објасни министерката за туризам.

Кундура на крајот од говорот рече дека таа и нејзиното семејство во изминатиот период биле на мета на закани.