Куманово прогласи епидемија на морбили

Центарот за јавно здравје Куманово, денеска прогласи епидемија на морбили. Бројот на заболени од мали сипаници вкупно од почетокот на годинава, изнесува петнаесет, а последнава недела заболени се три лица. Новозаболено е првоодделенче и двајца здравствени работници од детското одделение од кумановската болница. Детето престојувало во целодневен престој во кумановска градинка.

– Извршен е увид во вакциналниот статус на децата во градинката и училиштето, извршена е дезинфекција, континуирано се врши проверка на вакциналниот статус на децата во градинките на ниво на Куманово, тече вакцинирање во Здравствениот дом, се спроведуваат мерки во болницата со ограничени посети, зачестена дезинфекција, тријажа на пациентите, изјави доктор Јадранка Стаменковска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје.

Од вкупниот број заболени од почетокот на годинава, единаесет лица се од Куманово, а четири се жители на општина Липково.

Меѓу заболените, седум деца се до едногодишна возраст, едно е првоодделенче, тројца се од 20 до 29 и четворица на возраст од 30 до 39 години. Заболените деца не подлежат на вакцинација, додека од возрасните едно лице не е вакцинирано и едно нецелосно е вакцинирано.

Надлежните од Центарот за јавно здравје и кумановската болница уште минатата недела најавија дека епидемија од морбили ќе биде прогласена, откако во февруари се зголеми бројот на заболени.

Надлежните од здравствените установи дале препораки до градинките да не се примаат невакцинираните деца, во меѓувреме и тимовите од Здравствен Дом, покрај континуираната вакцинација вршат засилени контроли и ги повикуваат невакцинираните да се јават во пунктовите за вакцинација, Детски диспанзер и во амбулантата во „Тоде Мендол“.