Крсте Велковски ја воодушеви фудбалска Босна

Македонскиот фудбалер Крсте Велковски ја воодушеви спортската јавност во Босна и Херцеговина. Тамошните медиуми пишуваат дека капитенот на Сараево го одиграл дербито со Железничар, иако неколку часа претходно дознал дека неговиот син има здравствени проблеми.

„Вистина, имав приватни проблеми, но не знам дали воопшто да го спомнувам тоа“, почнува Велковски за „Дневни аваз“.

Имено, сопругата и тригодишниот син во вторникот се враќале со авион од Скопје преку Загреб до Сараево. Меѓутоа, при летот до хрватската престолнина, на синот на Крсте му се слошило, па него и мајка му не сакале да ги пуштат да се качат во авионот за Сараево ако не потпишат на сопствена одговорност. Подоцна, детето е префрлено на загрепските клиники.

„Ден пред натпреварот, скокнав до Загреб, бев во болница. Фала му на бога, сега е се во ред. Секако, од Загреб веднаш се вратив во карантин, каде моите другари се подготвуваа за мечот на Грбавица“, потенцира Велковски.

Натпреварот на култниот сараевски стадион, пред 10.000 гледачи заврши 2-2.