Кристијан Даниловски: Изработивме 50 кадри за „Одмаздници: Војна на бесконечноста“

На 26ти април во киното „Синеплекс“ ќе биде премиерата на најисчекуваното продолжение на „Одмаздници“ од Марвеловиот универзум насловен како „Одмаздници: Војна на бесконечноста“, на чии визуелни ефекти работеше и македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х.

Филмот е во режија на Ентони и Џои Русо, и ги обединува суперхероите од Одмаздниците, Чуварите на Галаксијата во најспектакуларната актерска екипа досега со Роберт Дауни Џуниор, Крис Хемсворт, Марк Рафало, Крис Еванс, Скарлет Јохансон, Бенедикт Камбербеч, Том Холнад, Чедвик Босмен, Пол Бетани, Елизабет Олсен, Анетони Меки, Себастијан Стан, Том Хидлстон, Зое Салдана, Вин Дизел, Бредли Купер, Крис Прат, Гвинет Полтроу, Ангела Басет и многу многу други. Прашањето кое ги интересира сите фанови не е кој ќе учествува, туку кој ќе продолжи понатаму?

„Одмаздници: Војна на Бесконечноста„ е Марвеловото продолжение на „Одмаздници„ од 2012 година и „Одмаздници:Ерата на Ултрон„ од 2015 година и е деветнаессетти филм во Марвеловиот Филмски Универзум.

Според Кристијан Даниловски, ко-сопственик на ФХ3Х и извршен продуцент, на овој проект се работело од октомври 2017 до февруари 2018 година.

– На овој проект беа изработени околу 50 кадри, а според Фанданго страната за продажба, филмот е веќе рекордер во продажба на онлине билети како најпопуларен филм ТОЧКА. Овој рекорд го постигнал во првите 6 часа од отворањето на продажбата. Причина за интересот е што многу фанови сакаат да ги видат огромниот број суперхерои како соработуваат заедно, групирањето со Чуварите на Галаксијата им е симпатично и ова го доживуваат како кулминациска точка во кинематографијата на Марвел, чија разврска ќе се случи во продолжението закажано за 3 мај 2019 година – изјави Даниловски.