Кристијано Роналдо си одбра „Ауди“ со фул опрема

Кралски третман за „кралскиот“ клуб. Германскиот производител на автомобили, „Ауди“, го стави на располагање својот луксузен асортиман за фудбалерите на Реал Мадрид. И тоа без задршка или некакво ограничување и, секако, бесплатно. Џентлменскиот потег на раководството на автомобилскиот гигант од Инголштад доаѓа како последица на обновениот спонзорски договор со актуелниот европски првак, па Кристијано Роналдо и компанија добија нови превозни средства на користење на 12 месеци и покрај тоа што доволно заработуваат за купување на модел каков ќе посакаат. Идентичен подарок од „Ауди“, неодамна, беше испратен и на адреса на играчите на Баерн Минхен.

За разлика од Баварците од кои мнозинството го избра Audi RS6 Avant, најпопуларен модел меѓу фудбалерите на Реал Мадрид е Q7. Дури 14 од нив се решија за него за секојдневно превезување на работа во клупскиот тренинг камп.
Првата ѕвезда на екипата, Кристијано Роналдо, задолжи клучеви од црна спортска лимузина RS7 Sportback со перформанс пакет. Производот, според декларацијата, е со јачина од 600 коњски сили и пазарна вредност од преку 150,000 фунти. Португалецот неодамна се пофали дека е сопственик на еден од најпрестижните автомобили на денешницата „Bugatti Chiron“. Сличен службен автомобил во нанредните 12 месеци ќе вози и Зинедин Зидан.

„Најскромен“ во изборот беше капитенот Серхио Рамос. Централниот дефанзивец на „кралевите“ одбра Audi A8 Spyder V10 што чини околу 200,000 фунти.
Герет Бејл и Иско се одлучија за поефтини опции. Велшанецот и Шпанецот до крајот на 2018 година ќе возат Audi Q7 Sport со 272 коњски сили за што во салон треба да се издвојат околу 70,000 фунти.
Но, некои од ѕвездите на Реал Мадрид не изразија така големи апетити. Централниот фудбалер за врска Дани Себалјос и Хрватот Матео Ковачиќ ќе располагаат со Audi Q7 со послаби мотори за разлика од истите модели на нивните клупски колеги.

Изборот на модели за душа не значеше и крај на тим билдингот за екипата на Зидан. По преземање на автомобилите, се впуштија во трка од забавен карактер со Формула Е симулаторот на „Ауди“. Најумешен притоа беше Дани Карвахал пред Серхио Рамос и Марко Асенсио.