Кривични пријави за полицаец и вработен во „Македонски Шуми“

Секторот за внатрешни работи (СВР) Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе кривична пријава против Ј.Г. (51) од село Добрејци поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, како и против полицаецот К.В.(44) од село Сушево за несовесно работење.

Како што информира портпаролот на СВР Хризантема Рендевска, Ј.Г. , вработен во ЈП „Македонски шуми“ – ПСШ „Беласица“, како контролор-чувар на контролен пункт, на 2 април годинава додека бил на работното место, свесно пропуштил да помине трактор натоварен со 3.85 метри кубни дабови огревни дрва.

– Тракторот бил управуван од лице од село Двориште, Беровско, со кого добро се познавал од порано. Пропуштеното возило био забележано од полицаец кој постапувал по претходно подготвен оперативен план, рече Рендевска на прес-конференција.

Според полицијата, контролорот му овозможил на лицето од Двориште да врши превоз на огревни дрва и да врши продажба без да поседува соодветна документација, а на ЈП „Македонкски Шуми“ му била причинета материјална штета во износ од 26.950 денари.

К.В., пак, на 5 септември лани по вршење увид на собраќајна несреќа не ги земал потребните изјави, односно известувања од страна на лицата учесници во сообраќајната незгода со што не можеле да бидат точно прецизирани и точно утврдени фактичката состојба и виновникот за случената сообраќајна незгода.

– Наместо тоа пријавениот изготвил службени белешки за добиени информации преку непосреден разговор со граѓани согласно Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, односно изготвил службени исправи. Подоцна ги упоребил како вистинити и во содржината на едната од нив внел невистинити податоци во однос на изјавата од учесник во сообраќајната незгода, кој притоа се здобил со тешки телесни повреди, а во рубриката „Потпис на граѓанинот“ пријавениот своерачно ги ставил само првите букви од имињата и целите презимиња на лицата кои службени белешки ги заверил со своерачен потпис, информира Рендевска.

Според неа, со таквото постапување на полицаецот, на оштетените учесници во сообраќајната несреќа им било онезвоможено да го остварат своето право на надомест на штета.