Кривична против Јанкулоска, вработувала без оглас

Секторот за внатрешни работи Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријава против Гордана Јанкулоска (43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 3 и став 5 од Кривичниот законик на Република Македонија.

МВР денеска соопшти дека Јанкулоска, поранешен министер за внатрешни работи на Република Македонија, во текот на 2012 година, во повеќе наврати, избегнувајќи ја законската регулатива за вработување на приправници во отворена и јавна постапка со објавување на јавен оглас, се обратила до Министерството за финансии со барање за обезбедување на финансиски средства за вработување на 70 лица-приправници со високо образование и 30 лица-приправници со средно образование.

Притоа, се посочува,во барањето посочила дека за пет работни места со високо образование ќе биде објавен јавен оглас, додека за 65 приправници со високо образование и 30 приправници со завршено средно образование вработувањето ќе се изврши без објавување на јавен оглас, со обезбедување на финансиски средства за бруто плата за 30 приправници со средно образование во висина од 15.028 денари по вработено лице.

– На 06.06.2012 година пријавената, за работно место за кое е предвидено четиригодишно стручно образование, вработила лице – сопруга на висок полициски функционер во МВР, која е со несоодветно образование, односно со тригодишно средно образование, за што склучила Договор за вработување, со целосен износ на месечна плата од 620 бодови, без внесена клаузула Приправник. На тој начин бил избегнат задолжителниот намален износ на исплата на месечна плата додека трае приправничкиот стаж, со што пријавената го оштетила МВР и буџетските средства во периодот од 06.06.2012 година досега во вкупен износ од 1.724.885 денари, стои во соопштението од МВР.