Кривична пријава за Харадинај и 17 министри затоа што си ги зголемија платите

Пратеничката на опозициското Движење Самоопределување (ВВ) Албулена Хаџиу поднесе денеска кривична пријава против косовскиот премиер Рамуш Харадинај и 17 други функционери, вицепремиери и министри, кои учествувале во донесуваењто на одлуката за зголемување на сопствените плати.

Хаџиу во оваа прилика им изјави на новинарите дека, откако овие функционери ги примија зголемените плати, тоа претставува конфликт на интереси и побара од Обвинителството да истражи како е дојдено до зголемувањето.

Според ВВ, зголемувањето на платите за владините функционери е не само неприфатливо, туку и спротивно на Законот за плати.

Хаџиу ја најави можноста од подигање кривични пријави и за судиите на Уставниот суд на Косово кои оценија дека во одлуката на Владата за платите нема ништо незаконско.