Форум во Давос: Кралица, принц, магионичар и музичар

Швајцарија – Лидери и знаменити личности, меѓу кои и поборник за заштита на природната средина Сер Дејвид Атенборо, премиерот на Јапонија Шинѕо Абе, германската канцеларка Ангела Меркел, принцот Вилијам, премиерката на Нов Зеланд Јасинда Ардерн, кралот Филип и кралицата Матилда од Белгија, ќе се сретнат во Давос за годишниот собир на Светскиот економски форум во 2019 година.

Тие се меѓу трите илјади учесници собрани од целиот свет и од секоја сфера на влијание: сферата на бизнисот, владите, граѓанското општество, академијата, уметноста и културата и медиумите. Од денес до 25 јануари тие ќе се сретнат во снежниот швајцарски град за да дискутираат за тоа како да се изгради подобра верзија на глобализацијата.

Принцот Вилијам ќе ги предизвика бизнис лидерите за подобрување на емоционалната и менталната благосостојба на работните места во нивните компании. Тој ќе биде дел од панел-дискусија за прашања поврзани со менталното здравје, заедно со премиерот на Нов Зеланд, Јасинда Ардерн.
Кенсингтонската палата вели дека војводата од Кембриџ ќе ја искористи можноста да го нагласи своето верување дека главните работодавци во светот имаат витална улога во промовирањето на ментално здрави општества и работни места.

Бил Гејтс

Милијардерот и филантроп, односно коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, се очекува повторно да го посети швајцарскиот алпски град Давос годинава.

Дејвид Блејн

Американскиот илузионист Дејвид Блејн се очекува да учествува на интервју-сесија на тема „Барање магија во реалниот живот“ во Давос.

Изведувачот, кој е во постојана потрага по возбуда, првично се прославил во Њујорк како магионичар и уметник со голема издржливост.

Вил Ај Ем

Американскиот музичар и технолошки претприемач Вил Ај Ем во последниве години стана чест посетител на швајцарските Алпи.

Фронтменот на „Блек ајд пис“, кој пораснал во едно од најсиромашните населби во Лос Анџелес, започнал фондација пред седум години во која децата имаат можност да учат роботика и компјутерски софтвер.