Кој е новиот државен секретар на САД?: Бизнисмен, разузнавач и тврдолинијаш
Мајк Помпео, идниот државен секретар на Доналд Трамп, е тврдолинијаш, републиканец кој ги дели гледиштата со гласачите на претседателот и исто како Трамп поминал долги години како бизнисмен пред да прејде во политиката. Помпео отслужил три мандати во Конгресот на САД како претставник на конзервативниот Канзас, бил член на Комитетот за разузнавање, а потоа станал директор на ЦИА. За време на претседателските избори во 2016 година Помпео бил отворен критичар на договорот на поранешниот претседател Обама со Иран, на справувањето на Хилари Клинтон со нападот во Бенгази, а исто така изјавил дека Едвард Сноуден, поранешниот вработен на Националната агенција за безбедност кој објави тајни од агенцијата, е предавник кој заслужува смртна казна.
„Тој треба да биде вратен од Русија и да има соодветен процес и мислам дека вистинскиот исход ќе биде да му се изрече смртна казна“, рече Помпео.
Неодамна, односно минатиот ноември, само неколку дена по победата на Доналд Трамп на изборите во 2016 година, Помпео, во врска со нуклеарниот договор со Иран, изјави на Твитер: „Со нетрпение очекувам да го поништам катастрофалниот договор со најголемиот државен спонзор на тероризмот во светот“.
Како пратеник, Помпео го поддржа обновувањето на збирката на телефонски метаподатоци на Националната агенција за безбедност, основната алатка за борба против тероризмот која беше отстранета од страна на Конгресот откако Сноуден ги објави тајните податоци. Нејасно е дали ставовите на Помпео за употреба на остри техники за испрашување целосно се совпаѓаат со оние на Трамп, кој вели: „Треба да одиме со пожестока техника од таа со давење во вода“.
Како директор на ЦИА, Помпео се откажа од појавувањето на Харвард поради одлуката на Универзитетот исто така да го повика и Челси Менинг, кој беше осуден за објавување тајни информации. Помпео го нарече Менинг американски предавник. Тој рече дека се согласува со воените и разузнавачките службеници кои веруваат дека излегувањето на Менинг од затвор ќе ги загрози животите на вработените во ЦИА. Помпео требаше да се појави на Харвардовата школа за администрација „Кенеди“ и да разговара за наводите за руската вмешаност во последните претседателски избори, за нуклеарниот конфликт со Северна Кореја и за другите проблеми од глобалната безбедност.
Во септември 2017 година Помпео во својот официјален мандат како директор на ЦИА очигледно неточно изјави дека разузнавачките агенции на САД заклучиле дека мешањето на Русија не влијаело на исходот од претседателските избори во 2016 година. Тој директно им се спротивставил на американските разузнавачки агенции, кои во јануари рекоа дека сѐ уште не направиле проценка за влијанието на хакерската и пропагандната кампања на Москва, но во нивниот извештај се наведува дека целта на Русија била да се обиде да му помогне на тогашниот републикански кандидат Доналд Трамп да победи на изборите.
Помпео е роден во Оринџ, Калифорнија, а живее во Вичита, Канзас. Тој е основач на фирмата „Тауер ерспејс“, на која бил и главен извршен директор повеќе од 10 години. Подоцна бил претседател на „Сентри интернешнл“, компанија која продавала опрема за нафтени истражувања и производство.
Помпео бил меѓу најдобрите студенти во својата класа на американската Воена академија во Вест Поинт во 1986 година, по што студирал и дипломирал и на Универзитетот Харвард, каде што бил уредник на престижниот весник „Харвардс ривју“. (Хааретз)