Коѕијас: Се надевам дека сѐ ќе биде во ред со Договорот од Преспа

Грција– Се надевам дека ќе биде сѐ во ред со Договорот од Преспа, бидејќи во спротивно оние кои веруваат во лесни решенија ќе видат колку потешки можат да станат работите, рече доцна синоќа поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, по завршувањето на состанокот на политичкиот секретаријат на неговото движење на идеи и активности Прато.

-Склучивме договор со поранешната југословенска Република и јас станав поранешен министер, рече на шега Коѕијас кусо пред почетокот на состанокот, коментирајќи ја неговата оставка.

Меѓутоа по завршувањето тој пред медиумите објасни дека лично смета дека оставката е чесна мерка и истакна дека навредите упатени кон него лично и „врз одговорноста на еден политичар да си поднесе оставка кога има различни мислења“ покренуваат прашања.

Коѕијас рече дека според него, зад навредите и навредувачите „постојат интереси, но постои и неморалност“.

– Побарајте од премиерот на земјата да ја објави мојата оставка што е на девет страници и доколку премиерот сака нека се објави. Но, да постои оставка што објаснува поради кои причини си поднесувам оставка и да велат дека е несфатлива.. Тоа е несфатливо, рече Коѕијас.

Поранешниот шеф на грчката дипломатија истакна дека надворешната политика ја води премиерот и Министерството за надворешни работи, а „Министерството за одбрана, одбранбено го поддржува спроведувањето на надворешната политика“.

-МНР не е број два, тоа да биде јасно, порача Коѕијас.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, индиректно, без да ги именува упати критики до владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос и до министерот за одбрана Панос Каменос. До Ѕанакопулос во однос на ставот изнесен вчера, дека оставката на Коѕијас  за него е политички несфатлива, а за Каменос во однос на водењето надворешна политика, но и за тајните фондови.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција рече дека не постои никаков проблем со тајните фондови во грчкото МНР, бидејќи како што рече, тој е „единствениот министер во целата историја на грчката држава кој достави закон, доверливите средства да ги контролира парламентот“. Објасни дека во соработка со пратеници од СИРИЗА ќе работи на донесување предлог закон во парламентот што ќе важи и за другите министерства.

-Решени сме да испитаме како беа употребени фондовите од другите министерства, во кои не постои овој демократски и парламентарен процес. Смешно е, единственото министерство што има  демократска, парламентарна процедура и контрола од грчкиот парламент да биде обвинето од други, рече Коѕијас.

Во однос на Прато кое им 3 пратеници во грчкиот парламент, поранешниот шеф на грчката дипломатија рече дека е дел од движењето кое што е сега на власт. (МИА)