Кошаркарска Евролига: Олимпијакос нов лидер

Кошаркарите на Олимпијакос се нови лидери во Евролигата. „Црвено-белите“ од Пиреја, по тесниот триумф кај Милано со 87:86, се пробија до првото место на кое ќе останат барем до вечерва со оглед дека ЦСКА Москва од 20,45 часот гостува во Малага на тимот на Уникаха.

Победа на гости во рамки на деветтото коло оствари и Басконија. Шпанскиот состав од Виторија славеше во „Белградска арена“ против Црвена звезда со 85:81. Останатите пет меча од некомплетната рунда ги добија домашните екипи.

Жалгирис во Каунас беше подобар од Анадолу Ефес со 91:83, Бросе Бамберг ја совлада Валенсија со 83:82, а Барселона убедливо го порази Макаби Тел Авив со 89:67.

Вечерва, покрај дуелот Уникаха – ЦСКА Москва, ќе играат уште Фенербахче – Химки и Панатинаикос – Реал Мадрид.