Кочани бара професионален театар

Штип – Во источниот регион само Штип има професионален театар, а сега тоа го бара и Кочани. Дваесетина културни работници и уметници од овој град собраа потписи во знак на поддршка на иницијативата на градоначалникот Николчо Илијев за формирање професионален театар. Градоначалникот Илијев викендов имаше средба со потписниците на идејата. Кочанските работници во културата всушност сакаат да го возобноват некогашниот Народен театар во Кочани и се заложија за покренување институционална процедури за реализација на оваа идеја.

Според градоначалникот Никочо Илијев, во случајот се работи за многу значаен чекор за културниот живот во Кочани. Тој рече дека Кочани има многу афирмирани актери, режисери, театарски работници кои работат надвор од општината. Дел од нив писмено ја потврдиле поддршката Кочани да добие професионален театар.


„Наше е да направиме сè оваа убава идеја да ја реализираме“, вели Илијев.
Иницијативата е ургентно доставена до Министерството за култура, кое во наредниот период ќе ги анализира материјалните, програмските и финансиските потреби и услови за основање професионален театар во Кочани. Дарко Јан Спасов е еден од поддржувачите на оваа идеја, тој е и актуелен претседател на управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал.
„Сметам дека Кочани ја има историската шанса за културен исчекор. Убеден сум дека ќе успееме да го оствариме сонот на многу актери, режисери, мултимедијални работници кои работеле и работат на сцената во Кочани. Ние и не размислуваме поинаку, затоа што како група ентузијасти веќе работиме на подготовка на премиерна претстава што ќе ја означи работата на новиот театар“, вели Спасов.
Народниот театар, како професионален театар во Кочани работеше само од 1951 до 1959 година, раководен од еден од најпознатите културни дејци на Кочани, Борис Стојчев.

Иван Бојаџиски