Коцијанчиќ: Дијалогот Белград-Приштина го води Могерини, САД се само партнери


Портпаролката на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбеднист Федерика Могерини, Маја Коцијанчич денеска изјави дека дијалогот меѓу Белград и Приштина го води нејзината шефица, а оти САД се само партнер со кој „постои блиска соработка за низа прашања, вклучувајќи го и Западниот Балкан“.

Коцијанчич во изјава за приштински „Газета Експрес“ вели дека ЕУ работи на следната средба на највисоко ниво во рамки на дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, но дека ситуацијата е „замрзната“ по воведувањето на таксите од 100 проценти на стоките од Србија.

Таа уште еднаш потсетѕва дека Могерини ја повика Приштина да ги укине зголемени такси и додава дека ЕУ очекува Србија и Косово „брзо да се вратат на дијалогот со оглед на неговото значење“.

– Европската унија очекува Србија и Косово да го забрзаат дијалогот, имајќи ја предвид директната врска помеѓу целосното нормализирање на односите и конкретните изгледи за нивните аспирации во ЕУ, како и конкретните придобивки за граѓаните, нагласи Коцијанчич.

Таа истакнува дека постигнувањето сеопфатен правен договор за целосно нормализирање на односите во контекст на дијалогот помеѓу Приштина и Белград бара клима која придонесува за „добрососедски односи, каде што претходните договори се почитуваат и спроведуваат и каде што активностите и изјавите се во согласност со целокупните интереси и стратешките цели за регионот“.