Коутс: Русија, Кина и Иран се обиделе да влијаат на изборите за Конгресот на САД

САД – Русија, Кина и Иран се обиделе да влијаат на исходот од ноемвриските избори за членови на Конгресот на САД, изјави директорот на американското Национално разузнавање, Даниел Коутс.

Како што објави весникот „Хил“, Коутс ова го изјавил на брифинг затворен за јавноста, но изданието успеало да дојде до извадоци од неговиот говор.

Според Коутс, американските разузнавачки служби немаат докази за директно мешање во изборниот систем, но станува збор за „информациска кампања“.

– Активностите на Русија, Кина и Иран не влијаеле на разултатот од гласањето, изјавил Коутс.

Сенатот и Претставничкиот дом водат истраги за вмешаноста на Русија во претседателските избори во САД во 2016 година. Двете законодавни тела се едногласни дека Москва сигурно влијаела на избирачкиот процес. Одделна истрага на Специјалното обвинителство бара докази дека постоел „заговор“ помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и Кремљ.

Министерството за правда на САД во октомври поднесе обвинение против жителката на Санкт Петербург, Елена Хусјаинова, која се товари за координација на кампања за влијаење на конгресните избори во ноември.

Според американските специјални служби, Русинката работела како книговодител во една од компаниите поврзани со бизнисменото Евгениј Пригожин и била одговорна за финансирање на тајни операции на социјалните мрежи на териториите на САД, европските земји и Украина.

Како резултат на конгресните избори, кои се одржаа на 6 ноември Демократската партија по осум години освои мнозинство во Претставничкиот дом, додека републиканците го зацврстија своето мнозинство во Сенатот.