Косово ни става рампа за зеленчукот

Се чека реакција на македонската страна по најавата од Косово дека ќе воведе заштитна мерка за земјоделските производи. Викендот и НАТО-прославите ги затекнаа властите, па вчера не можеше да се добие официјална изјава ниту од надлежните министерства ниту од институциите што ќе прават ако Косово ја реализира заканата за 30 отсто зголемени давачки за увоз на зеленчук и овошје.

Косовското министерство за трговија и индустрија во петокот одлучи од среда  (18 јули) да воведе привремена мерка за заштита на своето производство на овошје и зеленчук. Косовскиот министер Бајрам Хасани ја оправда мерката со широка анализа и консултации со домашните производители, согласно законот за заштитни мерки во увозот, објаснувајќи дека увозот на 21 земјоделски производи во Косово е количински толку голем што се заканува да им нанесе сериозна штета на домашните производители на овошје и зеленчук или да направи нерамнотежи на пазарот.

На листата на земјоделски производи, кои ќе подлежат на привремените заштитни мерки, се најдоа: компирот, доматот, пиперката, краставицата, лубеницата, дињата, раната (пролетна) зелка,  доцната (есенска) зелка, салатата (во сите варијанти), спанаќот, кромидот, морковот, монокултурниот грав, јаболкото, крушката, сливата, црешата, јаготката, малината, капината и пченката.

Вчера косовската страна најави формирање на Косовска земјоделска берза која преку онлајн платформа ќе ги направи видливи домашните земјоделски производи и ќе овозможи постигнување на повисоки цени на домашното производство и формализирање на сивото производство.

„Не знам колку тоа се вклопува во меѓународната регулатива за трговија. Воведување на било какви дополнителни царински заштитни мерки не е добро. Оти тоа се враќа. И Македонија ќе реагира на нивните мерки. Ова не е начин на дејстуввање, на пазарот треба да се борат во конкурентски услови, со квалитет. Со зголемување на царината ништо не се постигнува“, вели Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци. Вели дека поскапување за 30 отсто во ек на сезона, кога има склучени договори за извоз, ќе се одрази негативно, но очекува, како и претходно, мерката да трае само ден-два и да биде укината поради големите негативни последици што ќе ги има врз двете земји.

Косово не е членка на Светска трговска организација, туку само на ЦЕФТА. „Според правилата на овој регионален договор, земјата може да воведе привремени мерки за заштита на домашното производство со траење до стабилизирање на пазарот, но за тоа треба билатерално да ги извести земјите, и да ја образложи мерката. Воведувањето еднострана заштитна мерка значи кршење на правилата на слободниот пазар, зашто кога една земја ќе реши на ваков начин да го штити своето производство, тогаш ризикува и другите земји да воведат контра мерки“, објаснуваат неофицијално експерти.

Иако конкретната ситуација ќе има негативен одраз врз двете земји,  Македонија ќе биде посебно погодена зашто со Косово има суфицит во трговија, чиј значаен дел се земјоделските производи.

Бектеши: Уште немаме известување од Косово

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека нема официјално известување од Косово за воведување заштитна царина за земјоделските производи. Во случај на официјално известување, според ЦЕФТА договорот, Владата ќе заземе став за евентуалните мерки со кои би одговорила.

„Во случај ако воведат дополнителни мерки, ќе ги разгледаме заедно со Царината и Министерството за земјоделство и ќе заземеме став како Влада на Република Македонија“, изјави Бектеши.

Министерот Бектеши потсети дека поради нашето и членството во ЦЕФТА на Косово, во рамки на договорот, секоја држава кога воведува некакви мерки треба да ги најави предвреме.

Анита Салтировска