Косово демантира дека Срби заминале од безбедносните сили

Министерството за Безбедносните сили на Косово (ФСК), по информациите објавени во српски медиуми дека припадници Срби го напуштаат министерството, соопшти дека до него не е стигнато ниедно барање за ослободување од должноста од ниту еден припадник.

Портпаролот на Министерството Али Ука изјави дека на денешната редовна утринска средба не е известено дека имало оддалечување на некој припадник на безбедносните сили.

„Официјално не сме добиле некое такво барање. Никој не рапортираше за такво нешто, ниту министерот ниту командантот. Таквите барања се мошне вознемирувачки за нас, но официјално не сме добиле ниедно“, изјави Ука.

Пред неколку месеци, во текот на десетина дена, ФСК го напуштија над 50 припадници Срби, за што официјална Приштина ги обвини властите во Белград. Тие, според косовските власти, вршат постојани притисоци и закани врз припадниците Срби на ФСК и нивните семејства.