Корупцијата и сложените закони ја спречуваат дијаспората да инвестира

Македонија во голема мера го подобри процесот за почнување бизнис во последните години, но и покрај тоа, 55 отсто од инвеститорите од дијаспората имале проблеми при отворање компанија, покажува истражувањето спроведено меѓу инвеститорите од дијаспората објавено во првото издание на истражувачкиот билтен „2025 Визија“ на организацијата „Македонија 2025“.

– Сложени закони, корупција, владина администрација, недостиг на практични вештини кај дипломираните студенти и недоволната бизнис култура, според истражувањето, се главни проблеми со кои се соочуваат инвеститорите од дијаспората во водењето на нивните бизниси во Македонија, јави МИА.

Сепак, и покрај овие тешкотии, 77 отсто од инвеститорите од дијаспората ја препорачуваат Македонија како инвестициска дестинација. Клучни причини за инвестирање, според нив, биле ниските трошоци за работна сила и за водење бизнис, квалификувана работна сила, желбата да им се помогне на пријателите и семејството во Македонија и патриотизмот.

Истражувањето покажало дека повеќето инвеститори од дијаспората се мажи, (85 проценти), родени во Македонија (65 проценти), но продолжуваат да живеат во странство (60 проценти). Тие се високо образовани (95 проценти) и речиси сите користат некои од нивните лични заштеди (92 проценти).