Концерт на Музичка младина во чест на Саша Николовски Ѓумар

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија вечер од 20 часот во големата сала на Македонската филхармонија ќе одржи концерт во чест на својот долгогодишен диригент и уметнички раководител Саша Николовски Ѓумар (1966-2017).

Оркестарот од дваесет млади музичари ќе го води Дијана Имери-Илкоска. Солист на Концертот бр. 4 за пијано и оркестар од Бетовен ќе биде пијанистот Дино Имери. На програмата се и Адаџо од Бах и Мала ноќна музика од Моцарт, а ќе има и изненадување за публиката.

Диригентката Дијана Имери-Илкоска, која во 2014 година дипломираше во класата на Ѓумар, а сега е шеф-диригент на Оркестарот на МММ што многу години го раководеше нејзиниот професор, на прес-конференција по повод концертот рече дека со концертот-омаж сакаат да го задржат споменот за Ѓумар и неговиот значаен придонес во македонската музика и едукација на млади музичари.

Според пијанистот Дино Имери, концертот ќе биде не само сеќавање и оддавање почит и благодарност, туку и почеток на нова ера за оркестарот на Музичката младина.

Со одлука на Извршниот одбор на Музичка младина на Македонија, по вечерашниот концерт Оркестарот на МММ ќе го носи името: Камерен оркестар „Ѓумар“.

Музичката младина на Македонија постои 55 години, а Саша Николовски Ѓумар и беше посветен континуирано од 1986 година. Од 1998 тој предаваше хорско и оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност. Автор е на аранжмани на четири музички изданија. Почина на 50-годишна возраст на 14 јануари 2017.