Концерт како на филм: Жељко Јоксимовиќ ни ја донесе новогодишната магија

Филмска и музичка магија од два часа, синоќа ни приреди балканската поп-ѕвезда Жељко Јоксимовиќ, во Македонската опера и балет.

Мајсторот на добрите забави, кој во ноември, лани, ја наполни арената „Борис Трајковски“, а во 2016 одржа и три последователни концерти во МНТ, ги израдува Скопјани со два концерти во иста вечер, со традиционалниот преднововогодишен проект “Два Света”. Пееше џез и свинг-преработки на негови, (и една нова “Мењај песму”) и песни од колеги од поранешна Југославија, а преубавата и магична вечер ја почна свирејќи хармоника.

Јоксимовиќ, во смокинг и лакирани чевли, го придружуваа 40 музичари на сцена, накитена во новогодишно руво, на слајдерот во позадина, паѓаа снег и ѕвезди, и како на филмска лента се редеа сцените од култните југословенски филмови. Шармантната ѕвезда која е и роден шоумен, не потсети на легендите Тома Здравковиќ, Тозовац, Мија Алексиќ, Кемал Монтено, Луис, Оливер Драгојевиќ, Исмета Крвавац, Дадо Топиќ, Драган Николиќ…и во нивна чест ги испеја препознатливите хитови.

На крајот, Јоксимовиќ ни ја честиташе новата 2019 година и ни посака здравје, среќа и благосостојба и брзо видување на 31 декември, на новогодишниот концерт во Тиват, Црна Гора.

Скопскиот крем , со бурни аплаузи и овации го поздрави мајсторскиот концерт на балканската ѕвезда. Напуштајќи го топлиот МОБ, публиката коментираше дека никогаш нема да ја заборави оваа магична вечер, во организација на „Прагма продукција“.

Л. Сабит