Конференција на „МакеДокс“: Аудиовизуелно обрзование – иднина или сегашност


Денешните ученици растат во дигитален свет, комуницираат на интернет и информациите ги примаат со сите сетила. Затоа сакаат и наставните содржини да им бидат визуелно презентирани или преку нови и креативни документарци поврзани со темите што ги учат. Тројца средношколци тоа го порачаа на отворањето на меѓународната конференција „Аудиовизуелно обрзование – иднина или сегашност“ која во кино „Фросина“ денеска и утре ја организира Фестивалот на документарен филм „МакеДокс“.

За да соопштат како би сакале да изгледа часот прикажаа видеоанимација со текст за човековите права, порачувајќи дека такви видеа, какви што прави Мајкл Стивенс, или кратки инспиративни авторски документарци сакаат да бидат дел од предавањата во училиште.

– Ние сме аудиовизуелна генерација која секој ден е опкружена со компјутери, геџети, конзоли и дури уреди, и тешко е да го задржите нашето внимание, рече Петар Крстевски од „Орце Николов“. Давид Стојановски од „Јосип Броз-Тито“ додаде дека учебниците се застарен метод кои не им даваат доволно квалитетно образование па мора сами да го надополнуваат, а Розе Симоновска од „Георги Димитров“ истакна дека е тешко денес наставниците да им го привлечат вниманието само со збор.

– Нам очајно ни треба звук, слика и искуство, нешто кое ќе ни помогне за визеулизација и осознавање на нештата, без оглед по кој предмет, рече оваа матурантка.

Со нивните ставови се согласија претстаниците од надлежните институции кои присуствуваа на конференцијата. Министерот за култура Роберт Алаѓозовски рече дека Владата има политичка волја да ги менува работите и дека се отворени за сите сугестии од граѓаните при креирање на одлуките. Ја поздрави идејата на „МакеДокс“ да предлага модерен пристап во слух со времето и дека успева да внесе во училиниците иновативни начини на совладување на одредени теми, вештини, знења и информации.

– Глобализацијата на сите нивоа на социокултурниот контекст наметнува комплексност незамислива за нашата цивилизација само една генерација наназад. Должни сме да ги оспособиме следните генерации за живот во еден многу динамичен, променлив и сложен свет, кој подразбира отвореност, мултикултурност, информираност, приспособливост и доживотно учење. Се бараат и се повеќе ќе се бараат нови парадигми во процесите на учење и поучување, рече Алаѓозовски.

Ванчо Петрушевски, заменик-директор на Бирото за развој на образованието, подвлече дека ги поддржуваат модерните технологии како важен сегмент од предавањата, не само за едукација, туку и за поттик и развивање на креативноста на учениците.

Со „МакеДокс“, рече, организирале обуки за употреба на дигитални средства. БРО го прифатил и предлогот за употреба на избрани документарни филмови од странски автори во наставата и за таа цел бил изработен и одобрен прирачникот „МакеДокс во училница 1“, наменет за наставниците по предметите Граѓанска култура и Социологија. Оваа година до БРО, рече Петрушевски, доставени се прирачник „МакеДокс во училиница 2“ и ДВД со девет документарни филмови со широк спектар на теми.

Анита Стојческа од Агенцијата за филм на РМ порача дека е важно на новите предизвици да се одговори со заеднички пристап и дека воведувањето на овиј тип образование не може да биде задача и одговорност на самите наставници без поддршка од оние што ја креираат филмската индустрија заедно со институциите што се одговорни за поддршка на оваа дејност.

Таа препорача и проширување на овие активности – со воведување на филмска писменост како дел од медиумската писменост во училиштата, позначително користење на филмовите како помошни надгледни средства по различни предмети, формирање филмски клубови и создавање креативни училници во училиштата итн. х