Контраудар кон Шилегов: БЕГ има намера да не грее 35 години

„Балкан енерџи груп“ тврди дека ја подготвува новата грејна сезона и дека скопјани, без дилеми, ќе имаат стабилен и сигурен почеток на грејната сезона. „Корисниците да не стравуваат. Нашата компанија е финансиски, технички и кадровски подготвена да ги продолжи подобрувањата на системот. Со Градот Скопје сме во постојана комуникација“, смируваше Кочовски, поткрепувајќи го тоа со фактот дека БЕГ има лиценца на 35 години.

Наспроти тоа, градоначалникот Петре Шилегов најави дека Градот ќе ја преземе дистрибуцијата на парното низ Скопје од БЕГ –Дистрибуција на топлина, објаснувајќи дека „ до есен има време Градот да ја заврши процедурата за основање јавно претпријатие, за добивање лиценца и да почне со испорака на топлинска енергија“.Градоначалникот рече дека новоформираното ЈП ќе ги преземе вработените од БЕГ и дека ќе има тарифен модел кој ќе ги врати оние кои се откажаа од парно.
„Независно од тоа што прави БЕГ, јас ќе го правам тоа што мислам дека е добро за Град Скопје. А, за Град Скопје е добро да си ја добие назад дистрибутивната мрежа, ни изјави пред еден месец градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

БЕГ демантира дека ќе оди во стечај

Нема отворена стечајна постапка за „Балкан енерџи груп“, тврди генералниот директор на БЕГ, Димитар Кочовски.
„Во тек е судска разврска со една компанија која има побарување од нас, Сметаме дека побарувањето е неосновано. Тоа е тековен спор кој е минорен. Далеку е нашата компанија од стечај, таа е во многу стабилна финансиска состојба и нормално работи. Се работи за тековен спор кој судски ќе го решиме“, изјави вчера Кочовски.
Минатиот месец Основниот суд Скопје отвори претстечајна постапка за БЕГ –производство на топлинска енергија, еден од доелите на БЕГ. На 11 мај е закажано рочиште за стечај, а ви меѓувреме имотот е блокиран, пишува во решението на Централниот регистер. Неофицијално, предлогот за стечај го покренале „Топлификација“ и уште една фирма, за ненаплатени побарувања.
БЕГ пак, по пет години од преземањето на управувањето со системот на централно греење во Скопје, и досега ретките јавни истапи, вчера дозволи снимање во Топланата Исто,к а директорот Кочовски ги покажа интервенциите во постројките во кои досега инвестирале над 10 милиони евра.
„Од систем во замирање, со голем одлив на потрошувачи, постојано исклучување и намалување на конзумот, системот прерасна во модерен, интегриран енергетски систем, високо ефикасен и што е најважно, еколошки чист. Системот сѐ уште е половично искристен, но тоа е база што нуди огромен капацитет за решавање на еколошките проблеми во градот Скопје“, укажа Кочовски, додавајќи дека системот на БЕГ е целосно гасифициран.
Вели дека е запрен трендот на исклучување на скопјани од парно и дека се приклучени нови 6.300 корисници. Од 44.000 преземени корисници, сега бројката е зголемена на повеќе од 50.000. За изминатите пет години, како резултат на ценовната конјуктура на енергенсите на пазарите, како и на зголемувањето на енергетската ефикасност и намалување на оперативните трошоци, за домаќинствата цените биле намалени за повеќе од 30 отсто, за бизнисот за повеќе од 55 отсто, а за образовните институции за повеќе од 65 отсто.
„Со сите мерки што ги преземавме, имаме кумулативна заштеда повеќе од милион евра годишно, и планираме тие заштеди да се зголемуваат. Но, цената на парното не зависи само од енергетската ефикасност и оперативните трошоци, зависи и од берзите на енергенси и од предвидените идни цени. Сето тоа го пресметува Регулаторната комисија и определува цена“, објасни Кочовски зошто не може сега да каже дали цената на парното на есен ќе скокне.
Фактот што половина од системот на БЕГ е неискористен овозможува ширење на мрежата на парно греење. Следната населба која што ќе ја покрие БЕГ е „Александрија“ во Влае, а потоа мрежата ќе се шири во насока на Ѓорче Петров.
„Досега беше хаотично енергетското планирање на градот. Секој инвеститор правеше што сака, по своја проценка избираше на што ќе се грее. Централните инфраструктурни проекти и централното греење и гасот бараат предвидливост. Не се гради инфраструктура во празно, како што ни се случуваше. Од 2010 има вод на ‘Водњанска’, чинеше еден милион евра, најмодерен, а на него нема приклучена ни една зграда. Треба да има планирање на просторот, како што се планира урбанистички, така да се планира и енергетски“, изјави Кочовски, укажувајќи дека централното греење е најконкурентно во високоурбаните средини.
БЕГ планира зголемување на часовите на греење, а за идејата за воведување 24 часовно греење комуницира со Регулаторната комисија за енергетика и подготвува техничка база за имплементација.