Конте: Сакам да почнам нова работа во јуни следната година

Поранешниот ментор на Јувентус и Челзи, Антонио Конте, рече дека е подобро да почека до јуни следната година за да почне со нова работа.

Во последниве недели, Италијанецот постојано се поврзуваше со преземањето на тренерската функција во Реал Мадрид по отпуштањето на Хулен Лопетеги на крајот на октомври. На крајот Аргентинецот, Сантијаго Солари застана на чело на „белите“ (од денеска веќе и официјално), а името на Конте остана само во насловите на весниците.

– Претпочитам да се зафатам со нова работа во јуни. Но не се знае. За два-три месеци можат да се појават нови предлози и нови желби за работа, и тогаш да го заборавам она што сум кажал сега, изјави Конте.

Тој ги прокоментира и зборовите на Серхио Рамос, кој претходно изјави дека почитта се заработува, а не се наметнува.

– Тренерите се должни да го наметнат својот стил во една соблекувална. Тоа е фундаментално – кога ќе се испуштат работите од раце, почнуваат проблемите, додаде тој.

Во однос на тоа дали ќе преземе тимот од Италија ,поранешниот селектор на „Азурите“ истакна:

– Никогаш не се знае. Јас сум Италијанец, се чувствувам добро тука, но не е исклучено да продолжам и во странство, посочи Конте.

Конте е трикратен шампион на Италија со Јувентус (плус двократен освојувач на Купот на Италија), носител на титулата во Премиер лигата со Челзи, како и Купот на ФА.