Конгресмени чекаат одговор од Столтенберг за влезот на Македонија во НАТО

Вашингтон- Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се` уште не одговорил на писмото од група конгресмени на САД, со кое тие го повикаа да го забрза членството на Македонија во НАТО, јавува Гласот на Америка.

„Овие писма не доаѓаат брзо. Всушност, постојано испраќаме писма до различни американски агенции и организации, како што беше овој случај. Не очекуваме одговор веднаш, но нашата канцеларија ќе продолжи да притиска и да бара одговор и во иднина. Се надевам ќе се случи брзо“, изјави републиканскиот конгресмен Џим Бенкс, во интервју за Гласот на Америка.

Конгресменот Бенкс, кој беше иницијатор за испраќање на писмото, вели дека е целосно убеден оти влезот на Македонија во НАТО ќе биде голема победа во напорите да се зачува стабилноста.

Бенкс, го истакна разговорот на потпретседателот на САД Мајк Пенс со грчкиот премиер Алексис Ципрас, за решавање на спорот за името и напорите да донесе мир во регионот.

„Мислам дека на претседателот Трамп и Пенс треба да им се даде признание за поддршката што ја даваат во преговорите меѓу Македонија и Грција. На повидок е здрав резултат кој ќе биде победничка ситуација за двете страни“, смета Бенкс.

Конгресменот е убеден дека секаде каде што Америка ќе направи вакуум во лидерството, Русите се обидуваат да го пополнат, што е случај и со Балакнот.