Компанијата Нестле „војува“ со шест европски компании

Швајцарската прехранбена компанија Нестле е во „војна“ со шест европски малопродажни синџири кои ја бојкотираат нејзината стока, барајќи пониски цени, пишува „Пословни дневник“.

Меѓутоа, намалувањето на цените во овој момент, како што се наведува, воопшто не оди во прилог на Нестле, имајќи ги предвид последните податоци за продажбата.

Како што пренесуваат медиумите, светската прехранбена компанија пред една недела беше во судир со АгеКореа, женевската група која претставува шест европски малопродажни синџири. Членови на оваа група се германската Едека (Edeka), француската Интермарч (Intermarche), Ероски (Eroski) од Шпанија, швајцарски Куп (Coop), белгискиот Колрут (Colruyt) и италијанскиот синџир Конад (Conad).

Бизнисмените побараа подобри услови за набавка, заканувајќи се со прекин на нарачките од Нестле. Оваа недела заканата е и реализирана. Компанијата Куп објави дека нема да прави нарачка на 150 производи од Нестле. Конад соопшти дека членките на АгеКореа ги намалиле нарачките за 20 отсто.

Нестле завчера изрази жалење што купувачите во некои европски синџири нема да можат да се снабдат со нивните производи.