Комисиите за надзор над службите стaвени во погон

Со враќањето на опозицијата во парламентот, се враќаат во функција и комисиите за надзор над работата на безбедносните служби, кои беа во мирување во последните неколку месеци.

По прекинувањето на бојкотот на  ВМРО-ДПМНЕ, за утре е закажана седница на Комисијата за надзор над Управата за безбедбност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, со која раководи поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски. Оваа Комисија треба да ги разгледа извештаите за работењето на УБК и на АР во 2017 година, така што не е исклучено седницата да се одвива зад затворени врати. Трета точка на дневниот ред е програмата за работа на УБК во 2018 година.

Во среда, пак, ќе заседава Комисијата за надзор над посебните истражни мерки за следење на комуникациите, со која претседава поранешниот премиер Емил Димитриев. Членовите на ова тело, во кое има мнозинство опозицијата, ќе расправаат за извештајот за извршените контроли на ПИ-меркат за следење и снимање на телефонските разговори и на другите електронски комуникации.

Реформата на безбедносните служби е дел од планот 3-6-9 за што беа донесени неколку закони во консензус со опозицијата, а по крупните забелешки во Извештајот на Рајнхард Прибе околу злоупотребата на прислушувањето, функционирањето на безбедносните служби и парламентарниот надзор над нив.