Комисиите во култура повторно ќе се состанат за субвенциите

Стручните комисиите што ги разгледуваа проектите по дејности за Годишната програма на Министерството за култура денеска ќе се состанат за повторно да ги разгледаат одбиените проекти за кои најмногу се крена врева во јавноста.

Годинава најмногу внимание предизвика музичко-сценската дејност во која првпат не им се доделени парични средства за поддршка на фестивали и манифестации како Скопскиот џез фестивал, „Оффест“, „Златно славејче“, „Здраво млади“…
Претседателот на Комисијата на музичко-сцнеска дејност Плеурат Гаши вели дека ги почитувале барањата пропишани во конкурсот, а одбиените проекти имале нецелосна документација.
– Не можеме да ставиме потпис за да одобриме проекти што не се комплетирани. А добивме хаотични апликации. Во конкурсот се бара потврда за одобрена локација каде ќе одржува фестивалот и кој ќе настапува. Законски, не смееме да одобриме проект за кој нема да знаеме каде и како ќе се потрошат парите што ги побарале за поддршка. Можеби досега тоа поинаку се изведувало, но ова е наша законска обврска. Доколку некој се сомнева, преку пристапот за информации од јавен карактер, може да ги погледне проектите и да се увери – појаснува Гаши.
Тој додава дека при објавувањето на резултатите на веб-страницата на ресорното министерство се направени и технички грешки, но дополнително ќе соопштат дали во одреден дел ќе биде дополнета програмата.
Претходно, веднаш по објавувањето на резултатите, од Скопски џез фестивал и „Оффест“ соопштија дека ќе вложат жалби и дека сметаат оти Комисијата работела незаконски.
„Ни останува единствено можноста да вложиме жалба, покрај крајната опција за укинување на двата фестивала. Ќе бараме преиспитување на одлуката на министерот (кој според Законот за култура ги донесува одлуките за Годишната програма) и изземање на Комисијата за музичко-сценска дејност. Според нашите сознанија, Комисијата работела неправилно, незаконски и со нееднаков третман на нашите апликации во однос на другите“, се вели во реакцијата на СЏФ.
Реакции стигнаа и за проектите од драмската дејност. Директорите на националните театри заеднички излегоа со став дека ќе бараат средба со надлежните и ќе бараат ревизија на Годишната програма.
Во меѓувреме, театарската режисерка Зоја Бузалковска преку отворено писмо до премиерот Заев најави оставка од Советот за култура. Според неа, со ваква Годишна програма се жртвува културата. Бузалковска информираше дека аплицирала само со една претстава, со цел да остави простор и за помладите, но била одбиена.
Уметничкиот директор на „Танц фест Скопје“ и „Скопје танцов театар“, Рисима Рисимкин, пак, вели дека неправедно танцовиот фестивал е маргинализиран, а танцовиот театар укинат преку оваа програма. Таа повикува да се направат јасни критериуми, кои ќе бидат реални и мерливи.
„Консултирајте се со луѓето што долги години работат во културата за да ви укажат на реалните суми и можните критериуми. Доколку ниеден сценско-изведбен проект во националните институции не добива сума под одреден лимит, тоа треба да важи за сите, посебно за независните оператори и театри. Доколку се работи за фестивали, не сметам дека е транспарентно само да се објави сумата бидејќи повторно е несфатливо зошто некој добива поголема, т.е. помала сума“, вели Рисимкин.
Министерот за култура Асаф Адеми, кој во моментов е во работна посета на Берлин, порача дека ги следи реакциите и дека од понеделник комисиите повторно ќе се состанат да ги разгледаат одбиениот проекти.
– Отворив војна против корупцијата во Министерството за култура и во сите настапи реков дека ќе се погрижам културата да биде еднаква за сите. Потранспарентна програма од оваа не знам дали некогаш имало. Комисиите, членовите на комисиите, едногласно одлучија и, како што ми ги донесоа мене предлозите, јас одлучив врз основа на нив. Истите предлози беа десет пати проверени од страна на вработените во Министерството за култура и врз основа на тоа јас ставив потпис на финалното решение. За бодувањата решаваа докажани професионалци и сега целиот фокус е на мене, рече Адеми.
Во дел од реакциите од јавноста се укажуваше и дека проектите се делени по етничка основа од кои најголем дел се доделени на етнички Албанци, а многу помалку за Македонци, Турци и други етникуми. Адеми ги отфрли и овие обвинувања и смета дека се прават разни манипулации во јавноста.
Со реакција се јави и премиерот Зоран Заев кој, пак, најави дека дел од програмата ќе биде поништен.
Незадоволните имаат право да поднесат и жалби во рок од 15 дена откако ќе го добијат решението од Министерството за култура.
Законот за култура предвидува и можност за поднесување жалби откако апликантите ќе ги добијат решенијата од страна на Министерството за култура
„Во согласност со член 65 став (5) од Законот за културата, по добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето“, стои во Законот. И.Н.