Кражбата на автомобили цвета во Карпош, а погледнете кои модели најмногу се на мета

Новите возила меѓу кои и атрактивни модели на БМВ, Мерцедес, Ренџ Ровер… стануваат лесна и исплатлива мета на обивачите на коли. Но, тука не изостануваат и неколкуте модели на Волксваген меѓу кои се Голф 4-ка и 5-ка.

Според добро упатените, клучарите, Хендсфри системот за отворање на коли е најлесен и најисплатлив за брзо крадење на поновите модели. Појаснуваат дека со еден добар приемник и предавател, радио сигналот на автомобилот многу лесно може да се прифати и да се пренесе до возилото кое е мета на крадците. За ова потребни се минимум двајца. Едниот кој е во близина на оргиналниот клуч кој зрачи сигнал околу еден до два метра во негова околина, а другиот да биде во близина на автомобилот. Сигналот освен преку радио брановите може да се пренесе и електронски преку интернет, односно дигитално. Откако возилото ќе го прими сигналот тоа повторно го враќа до оргиналниот клуч кој пак треба да му даде дозвола да го стартува возило. Крадците можат да го управуваат се додека не го изгаснат. Познавачите велат дека доколку сакаат повторно да го стартуваат украдениот автомобил, тие мораат да ја сменат комплетната шалтабла, а тоа го прават со резервна електроника од исто такво хаварисано возило кое е набавено по багателни цени. За да се украде вакво возило кое го користи овој систем, потребни се неколку секунди.

За постарите модели, пак, кои се уште се атрактивни како Голфот, според клучарите, потребни се околу 15-20 минути за да се украде. Тие со шрафцигер обиваат една од вратите на возилото и со електронски модул од исто такво возило ги премостуваат жиците односно ги уштекуваат и го стартуваат возилото со нивни клуч.

Најчесто возилата се крадат кога сопствениците ги оставаат клучевите во автомобилот и излегуваат на кратко да купат нешто од близина. Тогаш крадците се најкомотни кога се работи за обивање, бидејќи клучот им е на тацна. Од украдените возили кои се пријавени во МВР има и од оние кои се дадени под лихва, а потоа пријавени како украдени, но и од оние кај разведени брачни парови кога клучевите ги има едниот, а колата судски припаднала на другиот брачен пар.

Каде најмногу се краде?

Карпош е омилен за крадците на автомобили во Скопје, а Драчево е помалку актуелно. Во Македонија покрај главниот град кој води на листата за украдени возила, варира второто место кое во 2016 година припаѓало на Велес. Оваа година тоа припаѓа на Битола со 32 кражби. За овој податок покажува статистиката на МВР во која е наведено дека од јануари до октомври оваа година во Полициската станица во општината Карпош заведени се 47 украдени возила. Веднаш зад неа се општина Центар со 46 и Гази Баба со 34 украдени возила. Се краде секаде, и во Чаир, Ѓорче Петров, Аеродром, Драчево…

Сепак, од украдените возила дел се пронајдени, односно една третина. Од полицијата информираа дека во Македонија најмногу се краде во Скопје каде што оваа година се украдени 217 возила или две третини од одземените во цела Македонија. Во Скопје кражбите ги извршиле 32 сторители, факт кој укажува на ограничен број сторители или пак организиран криминал. Во Струмица најверојатно станува збор за индивидуални кражби, бидејќи 28 возила од јануари до октомври 2017 година ги украле 28 лица, а истото важи и за Охрид со 23 украдени коли од 23 сторители.

Од украдените 389 возила во Македонија во 2017 година, полицијата открила 125, додека во 2016 година расветлени се 123 дела „одземање на моторно возило“ од украдени 426 автомобили. Доколку се следи статистиката, оваа година во Скопје се краде идентично како и лани со мала разлика што минатата година биле повеќе сторители. Намалување на украдени возила во однос на лани се бележи во Штип, Тетово и Велес додека мал раст има во Куманово, Охрид, Струмица и Битола.

Поради малиот број на вратени возила, за што покажува и статистиката на МВР, граѓаните почнаа сами да се организираат во пронаоѓање на украдените автомобили. Тие на социјалните мрежи формираат групи на кои објавуваат податоци за нивнте возила и од каде се украдени. Не е познато дали некој преку Фејсбук или преку друга социјална мрежа, си го пронашол возилото, но има граѓани кои се заинтересирани да помогнат и ја реобјавуваат иформацијата на својот „ѕид“ за побргу да дојде веста до сите корисници.

Од МВР побаравме информација кои возила се најомилени на обивачите на автомобилски брави, но ни одговорија дека полицијата нема такви податоци, не известија дека согласно Упатството на начинот на водење на статистички податоци како и врз воспоставената евиденција согласно Законот за полиција, при изработка на статистиката не воделе и не обработувале податоци по марка на возилото. Според цената на автомобилите, се чини дека крадците веќе со години атакуваат на иста марка – Фолксваген, автомобил за кој и понатаму има голема побарувачка, па едноставно и криминалците на тоа се прилагодуваат и крадат најмногу токму ваков модел.

Во Македонија се увезоа многу половни возила од Бугарија, Италија, Германија, Холандија, Швајцарија, од кои повеќето се со голема измината километража, а со тоа се отворија и многу плацови на кои се продаваат половни делови бидејќи има голема побарувачка. Оттаму доаѓа и сомнежот дека ако за два дена украдените автомобили не се пронајдат, голем дел од газдите можат да се простат од нив. Тие се или во некоја скриена гаража за растурање во делови или ако е понов модел веќе е изнесен преку граница.

Деновиве медиумите пишуваа дека Германија ќе донесе закон за субвенционирање на електрични возила. Според нив, се очекува Германците да ги продадат возилата со еуро 5 стандардот и над 300 илјади половни дизелаши да го преплават Западен Балкан, а со тоа се зголемува можноста обивачите на автомобили да имаат поголем обем на работа.