Кога ставот не е став


Александра М. Митевска

Еден и пол месец по распишувањето на рефeрендумот – период во кој беа испратени илјадници апели до раководството на ВМРО-ДПМНЕ да ги соопшти своите позиции за референдумот, опозицијата конечно објави дека нејзиниот став е – дека нема став.
Беше сосема очекувано и суптилно најавувано во изминатиот период дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ на ваков начин ќе се обиде да собере по некој политички бонус, релативизирајќи ја својата одговорност за капиталните, но и мошне деликатни процеси што се одвиваат во земјава, и неутрализирајќи ги ризиците од раскол во партијата – во која и без тоа сѐ повеќе царува разногласието, што беше незамисливо во едни не многу дамнешни времиња. Сепак, наводниот став што го соопшти Христијан Мицкоски звучи несериозно за еден партиски лидер кој пред само неколку дена гласно ги повикуваше своите сопартици да го следат кога ги води, а да го поттурнат кога се двоуми. По целодневната седница на партиските тела во вторникот вечерта, се покажа дека Мицкоски, всушност, не знае каде ги води своите следбеници. Неговата изјава, контрадикторно искомбинирана со повици за ТВ- дуел до премиерот и со одбивање да одговара на новинарски прашања, всушност, покажа дека Мицкоски се двоуми, ама тешко дека неговото опкружување ќе може да го поттурне… Kога веќе тоа не успеаја да го направат сите звучни политички имиња од светската сцена кои се запишаа на списокот на посетители на земјава во изминатите седмици.
Нихилистичкиот однос кон договорот со Грција, без нудење алтернатива за деблокада на евроатлантските интеграции, секако, не е став што би сакале да го слушнат германската канцеларка Ангела Меркел или австрискиот канцелар Себастијан Курц од лидерот на нивната сестринска партија во малата балканска држава која е моментно во центарот на внимамнието на меѓународната заедница. Неутралниот однос кон гласањето на 30 септември, секако, не е релевантна позиција ниту за редица лидери на партии членки во ЕПП, како политича орбита на десничарските партии во Европа, кои, главно, застанаа зад договорот со Грција – не како идеална опција за македонски патриоти, туку како единствен модел за оствврување на стратешките приоритети на нашата држава.
Позицијата „ни риба, ни девојка“ што ја испорача ВМРО-ДПМНЕ, како одговор на големите очекувања најголемата опозициска партија конечно да ги заврши сите внатрешни консултации што со недели ги користеше како аргумент за немањето став за референдумот, сигурно, дека не е охрабрување за неодлучните партиски приврзаници кои, веројатно, се свесни за придобивките што ги носи членството во НАТО и во ЕУ, ама им е тешко да го проголтаат болниот компромис што го постигна владата предводена од нивните политички противници. А, во ВМРО-ДПМНЕ, секако, дека има и такви членови и симпатизери. Да не беше така, веројатно, немаше да дојде ниту до разногласијата во партијата во однос на референдумот, а процентите во анкетите немаше да бележат такво големо расположение за излегување на гласање на 30 септември.
Зихерашкиот и опортун став во однос на различните струи во партијата, всушност, значи ветар во едрата на оние поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои, за разлика од колебливиот Мицкоски, од старт се изјаснија дека се за бојкот на рефеендумот. Во ситауција кога новиот партиски лидер не го соопштува ниту личниот став во однос на гласањето на 30 септември, нормално е поширокото партиско членство да се приклони кон оние партиски фигури кои сѐ уште имааат влијание во базата, а чија позиција е одредена, за разлика од позицијата на партискиот челник.
Само прашање е дали новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, ќе имаше исто ваква колеблива позиција во однос на референдумот, доколку на пример пред распишувањето беше прифатено нејзиното барање за амнестија – не само за случувањата на 27 септември минатата година, туку и за сите предмети на СЈО што произлегоа од „бомбите“. Таквите калулирања и обиди за пазарења на ВМРО-ДПМНЕ за прашања од клучно значење за евроатлантските перспективи на земјата сега создаваат ореол на неискреност во однос на позиционирањата на опозицијата пред референдумот.