Кога ако не сега
Ерол Ризаов
Ако се вратиме сами од отворените врати на НАТО и на ЕУ назад и не ги усвоиме уставните промени, нема да се случи ништо страшно, велат противниците на веќе ратификуваниот договор со Грција. Нè тешат со многу силен аргумент дека ќе продолжиме таму кај што сме застанале и ќе чекаме подобри времиња кога нашите позиции ќе се подобрат. Така ќе ја спасиме Македонија од обезличување, а себеси од обесчестување. Ќе можеме да останеме горди, достоинствени и невини Македонци. Може некој и да поверува на оваа лага, татко на сите лаги, во врска со референдумот, ако од Брисел и од сите страни не доаѓаат други вести и отворени предупредувања дека не може да се вратиме кај што стоевме десет години, во чекалницата на НАТО и речиси 15 години пред портите на ЕУ како вечен кандидат.
Повеќе не ни зборуваат со дипломатски јазик оти си го читавме и толкувавме кој како сака и на кој како му одговара. Сега ни викаат отворено, дури и со призвук на ароганција и закана ова ви е последна шанса, ако ја испуштите, ќе се вратите таму кај што бевте пред 27 години, не губете предвид дека ни ЕУ ни НАТО не се многу заинтересирани за нови членки од Балканот. Мислам, дека и тоа место од пред 27 години не ни е гарантирано, оти и таму се сменија условите. Комшиите на големо работат на промена на границите. Велат, имало незавршени работи од третата балканска војна. Се подготвува јавноста во Србија и на Косово за разграничување, размена на територии и луѓе по етнички дамари. Ја знаете онаа позната воена парола, предзнак на сите трагедии – до каде има Срби до таму е Србија, а до каде има Албанци до таму е Албанија. Одговорот во вакви ситуации брзо ќе стаса и од жешките глави во Македонија – до каде има Македонци до таму е Македонија… А, штом се цртаат нови граници на картите, на теренот по планините и ридовите, по градовите и селата границата е многу поинаква, се обележува со крв, разорувања, страдања, преселби… како што беше и при распадот на Југославија.
И сега, исто како и тогаш, слушам некои големи стратези кои мислат дека со својот лажен патриотизам ќе се докопаат до власта. Се ежам кога ги слушам како проповедаат дека нема никаква опасност од нова војна на Балканот. Ова било смислено да се лансира во Србија и на Косово само колку да ги заплашат Македонците за да успее референдумот барајќи спас во НАТО. Тоа овие авантуристи и паликуќи го кажуваат авторитетно небаре во малиот прст им е светската геостаратегија и балканската географија, историја и митологија, а со Трамп, Путин, Меркел, Макрон… како секој ден да разменуваат мислења.
Повозрасните паметат дека така беше и во предвечерието на најголемото крвопролевање во Европа по Втората светска војна, кога се распукна Југославија по сите шевови. Истите тие прогнозери преку ноќ станаа воени подбуцнувачи тврдејќи дека нема разграничување без војна, па некои од нив завршија во Хаг, некои со плех-музика на градските гробишта оставајќи зад себе ужас кој трае до ден-денес. А, некои се прославија како големи водачи и борци за слобода и независност и денес заземаат високи функции. Сега како осведочени демократи предлагаат разграничување и размена на територии и луѓе, и тоа замислете само за да успее референдумот во Македонија. Која будалаштина од планетарни размери. Не лаат кучињата поради селото, туку поради себе.
Втората голема поента на противниците на членство на Македонија во НАТО, која навидум држи вода, е тврдењето дека НАТО не е гаранција за стабилност и демократија и дека кај повеќе нејзини членки има сериозни проблеми со демократските процеси, а и безбедноста не им е многу силна страна. Да, тоа е точно. Има членки на НАТО кои имаат сериозни проблеми со демократијата и со внатрешни судири, опасни за стабилноста на земјата. Притоа намерно се прескокнуваат неколку факти. Прво, дека ние бараме членство во НАТО. Поканата е само чин на одобрување ако се исполнат условите. Значи не нè моли нас НАТО за членство, туку сите досегашни македонски стратегиски и безбедносни планови и програми се поврзани со НАТО. Досега се потпишани десетици и десетици договори на разни нивоа со НАТО. Обуката на македонската армија, добар дел од оружјето и опремата се од земји членки на НАТО. Учеството на македонски војници во мировните и воени операции на НАТО траат повеќе од 20 години и се оценети како мошне успешни. Се премолчува фактот дека НАТО е воена организација, сојуз кој обврзува на колективна заштита при евентуална агресија, или надворешна опасност по безбедноста на земјата. Во НАТО се пука и се гине. Тоа не е здружение на чесни сестри. Демократските стандарди се запишани во документите на НАТО, но не сите членки ги исполнуваат тие критериуми. Посилни се секогаш интересите.
Членството во НАТО кај сите новопримени земји во овој сојуз предизвикало и одредени економски и финансиски резултати кои ги надминуваат трошоците. Во случајот со Македонија безбедносниот фактор со членство во Алијансата во вакво регионално опкружување нема цена. Тоа што ќе го плати и добие Македонија е неизмерливо во нејзина полза. Што се однесува до демократските процеси и севкупниот економски и општествен развој, тие се многу пообврзувачки за зачленување во ЕУ, што кај новопримените членки по непишано правило доаѓа по влезот во НАТО.
Патот до редовно членство во ЕУ оди преку исполнување услови кои се зацртани обично во околу 35 поглавја во зависност од специфичностите на земјите кандидати. Токму овие поглавја се суштината на членството во ЕУ, односно најважната работа која Македонија, како и многу други поразвиени европски земји не можат сами да ја завршат без финансиска и стручна поддршка на Европа. И во оваа насока, иако преговорите со Македонија не се почнати, туку ќе почнат идната година, еден дел од работите кои не доведоа до кандидатура се завршени, но останува поголемиот дел кој обично трае од пет до шест години, и тоа ако има политичко потурнување напред и мало гледање низ прсти. На тоа Македонија не може да смета, туку ќе мора да ја одработи беспрекорно домашната работа бидејќи ќе се соочи со будно надгледување од соседите, но и од Европа која стана алергична на прием на нови членки. Па така, приемот на Македонија во ЕУ, ако почнат преговорите идната година, може да потрае подолго од вообичаено. Ќе има многу работа и многу пречки од комшиите и од бирократите во Брисел за сите наредни влади, парламенти, претседатели и еден куп надлежни институции во сите сфери на општествениот живот.
Оживување на европските вредности од бирократски документи на Брисел и нивна примена во секојдневието ќе биде качување на Монт Еверест од најтешката страна. Она што е суштествено и ќе биде најтешко во овие историски процеси е како да станеме помудри додека траат и додека не се завршат преговорите со Европа за членство. Трансформацијата од „ем шуто ем боде“ во „ем работи ем молчи и чека да седне на заедничка маса, па да каже што има да каже“, треба да биде мудроста што ќе ја обележи последната етапа од македонскиот пат кон Европа. Тоа ќе биде најмачниот, но и најзначајниот период во поновата историја на Македонија, задача која припадна како обврска да ја заврши оваа генерација. Наместо да се однесуваме како светска велесила и да делиме популистички и патриотски лекции, треба да се држиме до геслото – прво рипни, па кажи оп. Кога, ако не сега.