Клоца за комисиите кои девет години не ставија лек на позитивната листа

Само една комисија, наместо досегашните 14 комисии, во иднина ќе ја утврдува позитивната листа на лекови. Министерството за здравство почна процедура да се смени Законот за здравствено осигурување и да се овозможи за пациентите да станат достапни и други, нови и поскапи лекови кои сега можат да ги набават само на свој трошок.

Овие 14 комисии беа формирани во 2012 година, поради што беше укината онаа што дотогаш беше во надлежност на Фондот за здравствено осигурување.  Требаше да одлучуваат за ставање лекови на позитивната листа, која пак не е проширена цели девет години. Мандатот на членовите им беше определен на по една година. Објаснувањето беше дека секој лекар специјалист од својата област ќе може да каже кој лек треба да се стави на товар на ФЗО. Првата година помина додека воопшто да се формираат комисиите. Нема информација ни дали некогаш воопшто се состанале и дали добиле надомест за работа. Во Правилникот кој ја регулира нивната работа, се вели дека „надоместокот за работа се исплаќа само за членовите кои учествуваат во работата по одржана седница“.

Комисиите ни сега не функционираат.

„Со законот е утврдено дека Листата на лекови ја утврдуваат 14 стручни комисии, формирани од Владата. Ова законско решение во праксата се покажа како гломазно, широко поставено и неприменливо“, се вели во известувањето за почеток на подготовка на предлог измените во Законот.

Предлог законот треба да се изготви до 10 јуни.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека процедурата за ставање и вадење лекови од позитивната листа на лекови е неефикасна не може да се спроведе.

-Со сегашната методологија, за да се направи промена на позитивната листа на лекови треба да се состанат 14 комисии, а секоја е составена од 17 членови и практично тоа е невозможна мисија. Тоа што сега го правиме и го менуваме во делот на легислативата е да се смени начинот на кој ќе се формира една комисија која може да биде оперативна. Мора од некаде да тргнеме од некаде – најави Филипче.

Според него, со заштедата од намалувањето на цените на лековите, кое важи од 1 април, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа. Заштедата е околу 2,4 милиони евра на годишно ниво.

Лекарската фела ја поддржува идејата да се поедностави процедурата за да има нови лекови на државен товар.

-Ние едно време баравме да се тргнат од листата поевтини лекови како „дијазепамот“ и „хелексот“, а да се стават лекови кои спасуваат живототи. Имаше реакции и тоа не се случи. Добро е да се овозможи поголем дел од лековите да ги препишуваат матичните лекари за да не мора за се да се оди кај специјалист, да се воведе електронска контрола за да нема злоупотреби со рецепти и процедурите да се поедностават и да се скратат – смета д-р Лидија Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Според д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, проширувањето на позитивната листа е потребно за пациенттите.

-Доколку ние како Клиника добиеме допис да предложиме лекови од нашата област, ние тоа ќе го направиме. Со една комисија работата секако би била поефикасна – вели Докиќ.

Нема јавна информација кој се членуваше во досегашните комисии. Главно биле доктори специјалисти, поранешни директори на клиники, по еден претставник од Министерството за здравство и од Фондот и еден клинички фармаколог или фармацевт.

С.С.З.