Клоп: Добар ждреб за Ливерпул, Баерн е топ тим

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп ја прифати мирно ждрепката за осминафиналето во Лигата на Шампионите.

Англискиот тим на стартот од елиминациската фаза ќе игра со германскиот хегемон, Баерн Минхен.

– Убава ждрепка. Беше јасно дека ќе добиеме тежок ривал и очигледно е дека Баерн е топ тим. Ќе биде пријатно да отидеме во Германија. Има многу време за подготовка до натпреварите. Се надевам дека во февруари сите наши играчи ќе бидат подготвени. Ова ќе биде тежок и интересен меч и го очекувам со нетрпение, изјави Клоп.

За зимската пауза во Бундеслигата, стратегот од „Енфилд“ смета дека тоа нема да биде предност за баварците.

– Ова влијае единствено кога станува збор за повредите. Ние ќе одиграме 10 натпревари, додека тие ќе одмараат, но во февруари тоа нема да има значење, додаде Клоп.

Првиот натпревар ќе се игра на „Енфилд“, додека реваншот на „Алијанц Арена“ ќе се игра во март.