Китаровиќ бара што побрзо решавање на прашањето за границата со Словенија

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ денеска изјави дека граничниот спор меѓу Хрватска и Словенија, за кој има арбитражна пресуда, која Загреб не ја признава, треба да се реши билатерално и што е можно поскоро.

– Важно е да се разговара, а ќе видиме дали тоа ќе доведе до поместување, изјави Китаровиќ на новинарско прашање дали очекува напредок по состанокот на двајцата премиери, хрватскиот Андреј Пленковиќ и словенечкиот Миро Церар. Китаровиќ рече дека треба да се поттикне билатерално решение и тоа колку поскоро толку подобро.

– Но, се разбира, треба да се води сметка и за националните интереси – додаде Грабар-Китаровиќ по конференцијата „Хрватска каква што ни е потребна – енергетската иднина на Хрватска”.

Прашана дали хрватскиот државен врв треба нешто конкретно да направи за да не дојде до инциденти во Пиранскиот залив, поради словенечката примена на пакетот т.н. закони за спроведување поврзани со одлуката на арбитражниот суд за разграничување, претседателката оцени дека хрватската страна е прилично воздржана, на што ја повика и словенечката страна да биде таква.

– Би рекла дека хрватската страна е многу воздржана. Исто така ја повикувам и словенечката страна на воздржаност, бидејќи со инциденти може само да се влоши проблемот, но не и да се реши, нагласи хрватската претседателка.

Китаровиќ потврди дека ќе разговара со својот словенечки колега Борут Пахор на работниот состанок следниот месец.