Кина бара остра казна за Американецот кој украл палец од глинен војник

Кинеските власти побараа „остра казна“ за маж кој на изложба во САД украл палец од глинена фигура на војник, стара над 2.000 години, а вредна 4,5 милиони долари. Ова е една од десетте такви фигури кои Кина му ги позајми на Институтот Френклин во Филаделфија.

Минатата недела 24-годишниот Мајкл Роан е обвинет за кражба и сокривање „вредни парчиња уметност“, а подоцна е пуштен со кауција. Според судските документи, Роан на изложбата прво направил „селфи“ со статуите, а потоа скршил палец од едната од нив и си заминал.

Глинените теракотни војници претставуваат едно од најзначајните археолошки пронајдоци во Кина. Колекцијата опфаќа повеќе од 7.000 скулптури од глина, пронајдени во гробницата на првиот кинески цар Чин Ши Хуанг. Датираат од 3. век пред нашата ера.