Ким Џонг Ун зачекори на светската сцена

Младиот диктатор, Ким Џонг Ун, кој припаѓа на третата генерација од семејството што управува со земјата, се фокусираше на зајакнување на неговата моќ дома, преку прочистување на елитите кои не го поддржуваа неговото преземање на власта од неговиот татко и преку освојување на јавноста и армијата со економски реформи и огромни воени трошоци. Во текот на владеењето, тој им се спротивстави на предвидувањата за негова смрт, било преку државен удар или атентат, како и неизбежниот економски колапс или народен бунт. Оваа седмица, со драматично дипломатско патување во Кина, тој се покажа како особено сигурен и самоуверен, спремен да учествува на светската сцена на исто ниво како големите лидери.
„Очекувавме Ким да се појави во официјална посета на Пекинг уште на почетокот на неговото владеење, но тој тоа го одложуваше седум години, додека не почувствува дека е во моќна позиција да се сретне со претседателот на Кина како еднаков на него“, оцени севернокорејски експерт во центарот „Вилсон“.САД

„Ким чувствува дека го решил прашањето дома, дека може да го одбрани својот народ како воен лидер, а сега го врти вниманието кон тоа дека може да ја игра улогата на меѓународен државник“.

Следниот месец доаѓа вистинскиот тест за тоа колку добро може Ким да игра и на светската сцена, кога ќе се сретне со јужнокорејскиот лидер Мун Џе Ин и американскиот претседател Доналд Трамп.

Кога Ким го наследни својот татко Ким Џонг Ил кон крајот на 2011 година, не постоеја никакви гаранции дека тој ќе биде успешен лидер. Северна Кореја веќе ја виде моќта пренесена од една генерација, од основачот на земјата, Ким Ил Сунг на Ким Џон Ил, но таткото на сегашниот лидер беше добро позната и моќна личност во Северна Кореја, негувана со децении за да ја преземе власта. Како контраст, Ким беше релативно непознат, брзо унапреден како одликуван генерал и потпретседател на партиската Централна воена комисија, кога здравјето на неговиот татко почна да се нарушува. По погребот на Ким Џонг Ил, дел од набљудувачите предвидуваа дека неговиот син ќе биде слаб лидер, марионета на владејачката класа во земјата, особено на неговиот чичко Џанг Сонг Таек.

Можеби постоел обид да се контролира Ким на овој начин, но тој одговори со серија големи чистки, отпуштајќи десетици високи функционери, како и апсејќи го својот чичко, кој потоа е и егзекутиран. Севернокорејската пропаганда отиде предалеку, создавајќи култ околу семејството Ким и претставувајќи го Ким Џонг Ун како природен наследник на неговиот дедо. Тој дури и беше стилизиран за да личи на покојниот Ким Ил Сунг.
Кланот Ким со децении владееше со Северна Кореја под многу строг режим, затворајќи и егзекутирајќи илјадници луѓе, и управувајќи со кампови за „реедукација“ за бунтовници и нивните семејства. Ким отиде подалеку со бркањето на потенцијалните противници и со градењето основа за поддршка во земјата и армијата. Ова значеше поголеми економски реформи од неговиот татко, олабавувајќи ја строгата контрола како граѓаните ги заработуваат и трошат своите пари и започнувајќи тивка потрошувачка револуција. Истовремено, Ким двојно ја зголеми политиката „Сонган“ (армијата на прво место) на неговиот татко, истурајќи милиони долари во корејската народна армија и развојот на оружје. Тој, исто така, започна серија ракетни и нуклеарни тестови кои ги вознемирија соседите на Северна Кореја и предизвикаа лути прекори од Вашингтон, Пекинг и Сеул и строги меѓународни санкции.

Полуостровот како да целеше кон конфликт, особено по изборот на Трамп, кој зазеде цврст став против Северна Кореја и вети жесток контраодговор, бидејќи тестирањето на оружјето на Пјонгјанг претставуваше закана за Гуам, Хаваи, па дури и за континенталниот дел на САД. Во ноември, Северна Кореја ја тестираше својата најнапредна меѓуконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), за која рече дека е способна да испорача нуклеарна боева глава на која било американска цел и се чини дека е во согласност со поставената цел за програмата за оружје во земјата.

Ако 2017 година беше година на ракетни тестирања, оваа година се вртеше само околу дипломатијата. Во јануари, Пјонгјанг се согласи повторно да ги отвори дипломатските односи со Сеул, и за само неколку дена беше договорено Северна Кореја да учествува на Зимската олимпијада.
Ким ја испрати својата сестра Ким Јо Џонг во Јужна Кореја со покана до претседателот Мун да го посети Северот и да се запознае со Ким – драматично подобрување на односите, кое беше незамисливо неколку месеци пред тоа.

Тој, исто така, упати покана до Трамп преку јужнокорејски претставници, потенцијално закажувајќи го првиот состанок меѓу сегашен американски претседател и водач на Северна Кореја.

„Откако Северна Кореја се здоби со основна способност за нуклеарна контрола, сега е подготвена да премине во следната фаза“, рече Тонг Жао, експерт од Северна Кореја во Центарот за глобална политика на „Карнеги Цингуа“ во Пекинг.„Пјонгјанг треба да се справи со негативните последици кога ќе го развие своето нуклеарно оружје и ќе ги поврати односите со Кина и ќе ги подобри односите со САД, Јужна Кореја, па дури и со Јапонија“.
Северна Кореја може да се соочи со значителни тешкотии во наоѓањето баланс меѓу нејзината цврста заложба за задржување на нуклеарното оружје и подеднакво искрените ставови на политичарите во Вашингтон, кои побараа американските трупи веднаш да ѝ го одземат нуклеарното оружје на Северна Кореја. Во минатото Северна Кореја велеше дека никогаш нема да се откаже од нуклеарната одбрана доколку другите земји ја задржат својата, а експертите велат дека Пјонгјанг, најверојатно, нема да се согласи на целосна денуклеаризација, иако може да се согласи да ги стопира тестирањата и да го намали својот арсенал. (Си-ен-ен)