Кајче-возачи и таксисти работат како туристички водичи

Македонија нема ниту еден лиценциран туристички водич. Сите, засега 804 туристички водичи во земјава, работат со легитимација, а не со лиценца.

И додека поседувањето лиценца се уште не е обврзно со закон, критериумите за добивање легитимација се прилично едноставни: поседување уверение за положени испити за труситички водич на еден од факултетите за туризам (во Скопје, Охрид и Штип), уверение за македонско државјанство и уверение за познавање јазик (кое се стекнува со положен испит во прва година факултет).

Од овие причини, таксисти, кајче-возачи и сопственици на приватни сместувања често се и туристички водичи. Имаат легитимација поради што, независно каков квалитет нудат, инспекцијата не им може ништо. Тоа, велат од Здружението за туристички водичи и придружници на РМ, значително ја девалвира професијата.

– Мора да ги подигнеме критериумите и да инсистираме на стекнување лиценца. Во оваа насока се и законските измени кои ги подготвуваме и за кои ќе разговараме утре и задутре во Стопанската комора. Потоа, на 1 декември, предлозите ќе ги изнесеме и пред претставници на надлежните институции, изјави претседателот на Здружението Бранко Босилков.

Во разговор за МИА Босилков укажува дека лиценцирани туристички водичи нема да има се додека не се смени Законот за угостителство и туризам.

– Нашата интенција е легитимацијата да прерасне во лиценца за чие добивање ќе биде потребно многу поголемо познавање во областа, завршени обуки, курсеви, семинари, како и квалитетно владеење на јазикот за разлика од сегашното, базично ниво, истакна Босилков.

Од актуелните 804 водичи со легитимација, активни се 350 – 360. Повеќето зборуваат англиски јазик, има и такви кои знаат турски, француски, италијански, руски, а многу мал е бројот на оние што владеат холандски, само тројца, што е премалку со оглед дека туристите од Хокандија се едни од најбројните во Македонија.

Легитимиран водич, пак, што познава некој од источните јазици, кинески, јапонски, засега нема.

– Голем број водичи досега земаа легитимации заради вработување во туристичките агенции зашто со тој документ имаат предност, дополнува претседателот на Здружението.

И потретседателот на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија Славе Сирачевски, смета дека е непоходно итно ревидирање на легитимациите за туристички водичи, односно издавање лиценци по многу построги критериуми.

– Професионалните водичи прават турата да биде добра, интересна, гостите повторно да сакаат да дојдат. Не треба само да знаат историја, да раскажат каде се, туку треба да имаат и пријатен глас, уште првиот момент да ве освојат. Во овој сегмент не смееме да импровизираме. Мора да бидеме сериозни. Стручниот дел од испитот за водичи треба да се спроведува пред стручни лица кои знаат што е туризам, испитот да се полага директно, на терен, вели Сирачевски.

За легитимација за туристички водичи се полага секојдневно. Покрај актуелните 804, деновиве се очекува легитимација да добијат уште 30-на нови туристички водичи, информираат од Здружението за туристички водичи и придружници на РМ.