Катругалос: Немам никаков сомнеж за ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент

Убеденост дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент, велејќи дека „нема никаков сомнеж за тоа“, изрази алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, говорејќи од Солун, од четвртиот министерски состанок, во интервјуто за третиот канал на грчката државна телевизија ЕРТ.

– Немам никаков сомнеж дека Договорот од Преспа ќе биде ратификуван и од нашиот парламент. Тоа е договор од заемна корист што решава – и во корист на нашата земја – еден долг децениски спор. Во однос на реакциите во јавноста, јас почитувам секакво различно мислење, секаков различен став што не се базира на иредентистички ставови. Единствени што ги исклучувам од ова почитување се оние луѓе кои викаат „со оружје, со оружје, да го освоиме Скопје“, рече Катругалос.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, во однос на процесот на уставни промени, рече дека Атина го следи со цел формулациите да бидат согласно со Договорот од Преспа.

– Мислам дека фактот што беше собрано уставно мнозинство за почеток на уставна ревизија, создава логичен оптимизам дека позитивно ќе заврши оваа ревизија. Ние следиме и разговараме со другата страна, со цел она што ќе биде заведено во уставната ревизија да го изразуваат духот на Договорот од Преспа, додаде Катругалос во интервјуто за ЕРТ3.

За Договорот од Преспа рече дека е компромис, договор „како и сите договори меѓу државите, кои не се склучени по војна и нема еден поразен и еден победен“. Катругалос истакна дека и по оставката на Никос Коѕијас, нема промени во грчката политика, а од неговиот македонски колега Никола Димитров, добил уверување дека „и тие се подеднакво посветени како и Грција“.