Касами: Јас сум претседател на Беса

Билал Касами, претседател на Движењето Беса, вечерва изјави дека партијата ќе ги поддржи сите реформски зафати на Владата за зачленување во НАТО и почнување преговори за членство во ЕУ и оти во тој правец не калкулира дали ќе влезе во Владата.

Касами, кој беше гостин во Топ тема на телевизија Телма, рече дека на средбата со премирот Зоран Заев пред некој ден се разговарало за реформите на Владата во правец на тоа Македонија во 2018 година конечно да стане членка на НАТО и да почне преговори за членство во ЕУ. Средбата со Заев, според него, нема врска со внатрепартиските случувања во Беса и тоа не било тема на разговорот, а таа била договорена претходно.

Зборувајќи за поделбата во движењето Беса, Касами објасни дека неговиот став е став на сите членови и активисти на Беса и дека партијата е единствена.

– Сепак уште сите се бориме. Јас сум и де факто и де јуре претседател на Беса, рече Касами.

Според него, два конгреса на една политичка партија не може да се одржат. – Оваа држава има институции кои ќе ценат кој конгрес е свикан од Беса, а другите ако дојде тоа, а се надевам дека нема да дојде до тоа сигурно дека треба да почнат процедури да регистрираат нова партија, истакна Касами.

Дополни и дека се обидува да најде заеднички јазик од моментот кога е објавено дека е формирана комисија за подготовка на конгресот. – Ќе инсистирам дека тоа се внатрепартиски дебати се додека некој не се одлучи да регистрира, да иницира нова политичка партија, рече Касами додавајќи дека дури потоа ќе биде заземен став што понатаму.

Касами потврди дека ќе се кндидира за лидер на Беса на првиот конгрес кој ќе се одржи на 24 февруари и дека секој делегат кој има 10 насто од делегатите зад себе може да се кандидира за претседател.

Според него, има договор пратеничката група на Беса да делува единствено. – Формално координатор на пратеничката група е Африм Гаши и се додека тој не се изјасни поинаку, јас ќе го третирам и ќе го прифатам како пратеник на Беса, рече Касами.

Пратениците на Беса гласаа за Законот за употреба на јазиците и според него овој закон не значи чекор кон федерализација на Македонија.