Каремани од Беса: Ми се закануваа дека ќе ме убијат

Пратеникот и привремен претседател на движењето Беса, Неџбедин Каремани, денеска информираше дека има сериозни закани по неговиот живот и безбедноста на неговото семејство.

– Со овој случај е запознаен и министерот Оливер Спасовски, а од сега ќе бидат запознаени и сите дипломатски претставништва во земјата, Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ, ОБСЕ и другите амбасади – рече Каремани на денешната прес конференција.

Прашан кој точно му се заканува, Каремани рече дека за тие лица ја информирал полицијата, како и дека бараат од него да се повлече од функцијата пратеник.

– Мојата должност на пратеник ја прифатив и веќе сите знаат точно и јасно кој ги добил гласовите за движењето Беса во Тетово. Идниот месец ќе се одржи конгрес и се ќе биде во ред, рече Каремани.

Каремани нагласи дека нема скопско и тетовско крило, туку дека движењето Беса е едно.

На седница на Централниот совет, што беше одржана во Скопје, од функцијата беше сменет лидерот Билал Касами и за привремен претседател на партијата до партискиот конгрес закажан за 21 февруари годинава, е назначен најстариот партиски функционер, пратеникот Неџбедин Карамани.