Карабатиќ во последната секунда и донесе бронза на Франција

Репрезентацијата на Франција го освои третото место на ракометното Светско првенство. Французите попладнево во Хернинг во малото финале ја победија Германија со 26:25. Победничкиот гол беше дело на Никола Карабатиќ во последната секунда.

Германците кои првпат на Мундијалот 2019 играа надвор од својата земја, не успеаја да дојдат до бронзениот медал и покрај водството на полувреме со четири голови разлика (13:9), а во последната минута имаа и напад за победа.

Најефикасен во триумфот на „триколорите“ беше Мае со седум голови, додека во поразениот тим се истакна Геншајмер со шест погодоци.

Од 17.30 часот ќе почне големото финале во кое се среќаваат ко-домаќинот на шампионатот Данска и Норвешка.