„Камп ноу“ заминува во историјата, Барселона го продава името на стадионот

Барселона преговара за продажба на правата за името на стадионот „Камп ноу“ за што клубот ќе добие над 200 милиони евра.

Од клубот потврдија дека преговараат со три компании, како и дека продажбата е дел од планот за модернизација на стадионот, но и подрачјето околу него, што би чинело околу 550 милиони евра.

– Го продолживме договорот со спонзорот, но следниот чекор се преговорите околу продажбата на правата за името на стадионот. Во план ни е реконструкција, а и разговараме со компании кои би ни покриле половина од трошоците, истакна претседателот на Барселона, Жозеп Бартомеу.

Барселона првпат на „Камп ноу“ заигра во 1957 година, а стадионот со новото проширување од 99.354 места ќе има 105.000.